Северна Кореја вели дека петочниот собир на главниот плоштад во Пјонгјанг е протест против владата на Јужна Кореја која силно го критикуваше Северот заради лансирањето на ракетата минатата недела.
Со типично агресивен јазик, севернокорејската Централна новинска агенција кажа дека плоштадот бил полн со членови на армијата и цивили кои сакаат да „ја збришат“ администрацијата на јужнокорејскиот претседател Ли Мјан-бак.
Во четвртокот, Северна Кореја вети дека ќе лансира сателити во вселената „еден по друг“, една недела откако се оглуши на меѓународните протести со лансирањето на ракета со долг дострел што падна речиси веднаш по полетувањето.
Неделава во Њујорк, американската амбасадорка во ОН Сузан Рајс кажа дека светското тело е подготвено да преземе натамошни акции доколку Северна Кореја продолжи со активностите.
Во четврток, Северна Кореја се закани дека ќе започне „света војна“ против владата на претседателот Ли, доколку овој не се извини за сугерирање, минатата недела, дека Пјонгјанг повеќе сака да троши милиони долари за оружје отколку за храна за сиромашниот народ.