Линкови за пристапност

Конгресот усвои закон со кој се избегнува затворање на владата - за седум дена


Сенатот на Конгресот на САД усвои нацрт-закон со кој се спречува делумното затворање на владата.

Законото го поддржаа 77 членови на Сенатот, а 13 беа против.

Претходно истото го направи и Претставничкиот дом - со поддршка од 207 демократи и 113 републиканци.

Така донесена е времена мерка со која рокот кој истекува во петок на полноќ се продолжува за седум дена. Рокот за договор за финансирање на другите владини агенции е поместен до 22 март.

Следниот чекор потребен за законот да стапи на сила е потписот на претседателот Џо Бајден.

Ден претходно, демократските и републиканските лидери во Конгресот постигнаа договор за финансирање на 12 федерални програми во тековната фискална година, избегнувајќи затворање на американската федерална влада во саботата.

Привремената мерка, четврта од почетокот на новата фискална година на 1 октомври, им дава време на Домот и на Сенатот да усвојат 12 буџетски нацрт-закони за финансирање на американската влада.

Во договорот, сепак, не се споменува помош од 95 милијарди долари за Украина, Израел и другите сојузници на САД.

97 републиканци во Претставничкиот дом не ја поддржаа мерката, сигнализирајќи потенцијални проблеми за спикерот Мајк Џонсон, кој повторно мораше да се потпре на гласовите на демократите за да го усвои законот. Тврдокорните републиканци го притискаат Џонсон да го искористи затворањето на владата како средство за пазарење за да ги принуди демократите да прифатат конзервативни политички цели.

Големите агенции за кредитен рејтинг велат дека континуираното политичко играње околу финансирањето на владата ја загрозува кредитната способност на земја со долг од над 34 трилиони долари.

Извор: Ројтерс

XS
SM
MD
LG