Американскиот Конгрес треба да се состане денес за да ја потврди победата на претседателските избори на Доналд Трамп кој беше во трка со потпретседателката Камала Харис.
Потпретседателот е задолжен да претседава со пребројувањето на резултатите од секоја од 50-те сојузни држави во земјата, ставајќи ја Харис во позиција да ја потврди сопствената загуба.
Постапката долго време беше формалност во изборниот процес, но пред четири години се претвори во хаос, како што приврзаниците на Трамп упаднаа во Конгресот, повредувајќи околу 140 полицајци, вандализирајќи ја зградата, а законодавците бараа место да се скријат.
Слични сцени не се очекуваат денес, како што Харис го призна поразот, а претседателот Џо Бајден ја истакна потребата од мирен процес.
Властите се подготвија за секој случај, поставувајќи високи метални бариери околу комплексот Капитол.
Говорејќи во неделата во Белата куќа, Бајден го нарече она што се случи на 6 јануари 2021 година „еден од најтешките денови во американската историја“.
„Мораме да се вратиме на основниот, нормален трансфер на власта“, рече Бајден.
Тој додаде дека однесувањето на Трамп пред четири години, кое вклучуваше повторени лажни тврдења дека победил на изборите, било „вистинска закана за демократијата“.
„Се надевам дека го надминавме тоа“, рече Бајден.
Повеќе од 1.500 луѓе се обвинети во врска со упадот во Капитол. Трамп вети дека брзо ќе издаде помилување откако ќе ја преземе функцијата на 20 јануари.