Жените сè уште се натпреваруваат со врзани нозе во трката за родова рамноправност, а која со сегашното темпо би се постигнала дури после 131 година. Жените во управувачките и раководните структури ќе значат и поголема ефикасност за јавниот и за приватниот сектор.
Тоа беа дел од клучните пораки и заклучоци упатени од конференцијата „Успешни жени за успешен регион“ што се одржа денеска во Скопје. Настанот воедно беше и промоција „Жени во органи на управување - Јадран“, регионална невладина и непрофитна асоцијација за промоција на родовата еднаквост на високо-раководни позиции.
На конференцијата присуствуваа околу 150 претставнички и претставници од политиката, дипломатијата, како и од јавниот и приватниот сектор.
„Жените сè уште се натпреваруваат со врзани нозе во оваа трка. Според Светскиот извештај за разликите меѓу мажите и жените од 2023 година, со ова темпо ќе ни бидат потребни уште 131 година за да бидеме целосно еднакви. Тоа значи во 2155 година ќе имаме целосна родова еднаквост, ако продолжиме со ова темпо“, укажа
Билјана Бретвејт, претседателка на организацијата “Жени во органи на управување – Јадран“.
Компаниите коишто имаат побалансирани лидерски тимови на повисоко ниво, постигнуваат подобри резултатиБилјана Бретвејт, “Жени во органи на управување – Јадран“.
Таа додаде дека успешноста на компаниите е тесно врзана со што поголем број жени во нивните управувачки структури.
„Сè повеќе имаме докази дека компаниите коишто имаат побалансирани лидерски тимови на повисоко ниво, постигнуваат подобри резултати, и на краткотраен и на долготраен рок“, рече Бретвејт.
На присутните, преку видео порака, им се обрати и амбасадорката на САД во Северна Македонија, Анџела П. Агелер.
„Податоците покажуваат дека зајакнувањето и зголемувањето на бројот на жените во политиката е добро. Но, ваквото учество не може да биде пасивно. Учеството значи и лидерство. Не значи само да се има место на масата, туку исто така треба да бидете на челото на масата“, нагласи Агелер.
Таа додаде дека се забележува одреден напредок во состојбите, но и дека има уште многу да се работи.
„Во изминатите години имаме видено напредок, како во САД, така и во Северна Македонија. Меѓутоа жените жените и понатаму се недоволно застапени во ваквите позиции, во државниот и во приватниот сектор исто така“, укажа амбасадорката Агелер.
Свое обраќање имаше и Елизабета Ѓеоргиевска, сопруга на претседателот Стево Пендаровски.
Жените се поподготвени да слушаат, да градат цврсти врски врз основа на разбирање и почитувањеЕлизабета Ѓеоргиевска, сопруга на претседателот на државата
„Со внесувањето на повеќе жени во управувачките одбори, се внесуваат нови димензии во лидерството. Креативност, динамичност, подобра комуникација, емпатија, побрзо решавање на сложените проблеми“, рече Ѓеоргиевска.
Таа додаде дека жените даваат нови и поефикасни аспекти во надминувањето на предизвиците во секоја од дејностите.
„Жените се поподготвени да слушаат, да градат цврсти врски врз основа на разбирање и почитување. Нивната способност да сочувствуваат кон потребите на другите, нивната издржливост при премостување на тешките предизвици ги прави совршени кандидати кои во органите на управување би биле отворени за неконвенционални решенија и експертски мислења“, додаде Ѓеоргиевска.
Заменик-шефот на ЕУ делегацијата во Северна Македонија, Бен Нупна, пак, укажа на клучните одредби во ЕУ кои бараат од земјите членки да ги почитуваат родовите прашања.
„Родовата еднаквост е клучен принцип на ЕУ, меѓутоа, тоа е многу далеку од реалноста. Во бизнисот, политиката и општеството како целина можеме да го постигнеме нашиот целосен потенцијал само ако ги искористиме сите наши таленти и целата наша разноликост. Користењето само на пола од популацијата, половина од идеите и половина од енергијата, не е доволно добро“, беше категоричен Нупна.
Претставникот на ЕУ додаде дека овие одредби се обврска и за земјите аспиранти за членство во Унијата.
„Процесот на пристапување кон ЕУ значи дека земјите ќе преземат мерки, чекори кон почитување на човековите права, промовирање на заедничките вредности и родова еднаквост“, додаде Нупна.
Вам, жените, не ви требам јас или кој било друг да ви каже кои сте, што можете или колку вредитеФатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања
Во таа насока беа пораките и на Фатмир Битиќи, вице-премиерот за економски прашања.
„Следно на што заедно ќе треба да работиме е усвојување на директивата на ЕУ за родово балансирани управувачки одбори, а со која се предвидува 40% од неизвршните директори, или 33% од сите директори да бидат членови на недоволно застапениот пол до средината на 2026 година“, рече Битиќи.
Тој воедно упати и директни пораки до учесничките на конференцијата.
„Да ги оспориме стереотипите и да создадеме пат за жените. Отворен пат да се искачите на лидерските позиции. На тој пат вам не ви треба охрабрување, вие веќе сте храбри. Не ви треба заштита, вие не сте жртви. Не треба да ви се даде шанса, зашто самите си ја земате. Вам, жените, не ви требам јас или кој било друг да ви каже кои сте, што можете или колку вредите. Вам жените ви требам јас и сите како мене ослободен од моите генерациски натрупани предрасуди и очекувања“, заклучи Битиќи.
Во рамките на конференцијата се одржаа и повеќе панел-дискусиите на кои беше посочена неопходноста од отворање, како на јавниот, така и на приватниот сектор кон родов баланс во управувањето.
Facebook Forum