Линкови за пристапност

„Конечната“ жалба на Џулијан Асанж против екстрадицијата на САД ќе се одржи во февруари


Можниот последен правен предизвик на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, да ја запре неговата екстрадиција од Велика Британија во Соединетите држави, каде што се бара по кривична пријава, ќе биде одржан во Високиот суд во Лондон во февруари, изјавија неговите приврзаници во вторникот.

Асанж (52) е баран од американските власти по 18 точки од обвинението, вклучително и за шпионски акт, во врска со објавувањето на Викиликс на огромни доверливи воени досиеја и дипломатски телеграми на САД, за кои Вашингтон рече дека доведувале животи во опасност.

Британија даде зелено светло за негова екстрадиција, но тој се обидуваше да ја поништи таа одлука. Активистите рекоа дека јавната расправа ќе се одржи во Високиот суд на 20-21 февруари, кога двајца судии ќе ја разгледаат претходната пресуда со која Асанж беше одбиен да поднесе жалба.

„Дводневното сослушување може да биде последната шанса за Џулијан Асанж да ја спречи неговата екстрадиција во САД“, се вели во соопштението на Викиликс.

Викиликс првпат стана актуелен во 2010 година кога објави стотици илјади тајни досиеја и дипломатски телеграми во најголемото безбедносно нарушување од ваков вид во историјата на американската војска, за кое американските обвинители велат дека ги загрозиле животите на агентите именувани во објавениот материјал.

Поддржувачите на Асанж велат дека тој е анти-естаблишмент херој, кој е жртва поради тоа што ги разоткри погрешните постапки на САД и дека неговото гонење е напад врз новинарството и слободата на говорот.

Тој помина седум години затворен во амбасадата на Еквадор во Лондон, пред да биде извлечен и затворен во 2019 година за прекршување на условите за кауција. Оттогаш тој е во затвор додека се решава случајот за неговата екстрадиција.

Неговите адвокати, исто така, поднеле барање до Европскиот суд за човекови права кој потенцијално би можел да нареди да се блокира екстрадицијата.

„Последните четири и пол години направија најголем данок на Џулијан и неговото семејство, вклучувајќи ги и нашите два мали сина“, рече неговата сопруга Стела, со која се ожени во затвор.

„Прогонот на овој невин новинар и издавач мора да престане“, додаде таа.

Извор: Ројтерс

XS
SM
MD
LG