Линкови за пристапност

Компаниите платија 32 милиони евра во Буџетот за солидарен данок


Педесетина компании не го испочитувале рокот до 25 октомври и се чека на нивните уплати. Според УЈП во Буџетот преку солидарниот данок ќе легнат 48 милиони евра. Проекциите на финансии беа дека дополнително ќе се соберат до 70 милиони евра. Бизнис секторот го оспори законот пред Уставниот суд

СКОПЈЕ – Две милијарди денари се уплатени во државниот Буџет по основ на Законот за солидарен данок покажуваат пресметките на УЈП. Две третини од компаниите го испочитувале зкаонскиот рок до 25 октомври да ги уплатат дополнителните средства кои ги предвидува Законот за солидарен данок а за останатите се подготвуваат казни.

Според официјалните информации на УЈП вкупно 96 компании ја исполниле обврската согласно законскиот рок и уплатиле две милијарди и тринаесет милиони денари или 32,7 милиони евра согласно ставките кои ги предвидува Законот за солидарен данок кој стапи на сила на 25 септември.

„ Согласно податоците најнискиот, поединечно платен износ на данок на солидарност, изнесува 39.342 денари, додека највисок, поединечно платен износ на данок за солидарност, изнесува 257.293.088 денари“, информираат од УЈП за Гласот на Америка на македонски јазик.

Според податоците на УЈП, листата на компании кои се опфатени со солидарниот данок има вкупно 150 правни лица односно компании.

„ За даночните обврзници кои доброволно не го уплатиле данокот на солидарност во законски предвидениот рок, Управата за јавни приходи ќе преземе мерки согласно Законот за данок за солидарност и Закон за даночна постапка“, соопштија од УЈП.

Солидарниот данок ги опфаќа компаниите кои минатата година имале промет од над 10 милиони евра, а зголемувањето на добивката е за 20 отсто во однос на просекот од претходните три години односно 2018, 2019 и 2020 година.

Казните кои ги предвидува законот се движат од 1.800 до 20 илјади евра.

„ Глоба во износ од 1.800 до 6.000 евра во денарска противвредност на даночен обврзник правно лице (среден трговец) и од 3.000 до 10.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на даночен обврзник - правно лице (голем трговец) за прекршок, ако не поднесе до Управата за јавни приходи соодветен образец за пресметување на данокот на солидарност. Глоба во износ од 3.600 до 12.000 евра во денарска противвредност за даночен обврзник правно лице (среден трговец) и од 6.000 до 20.000 евра во денарска противвредност на даночен обврзник правно лице (голем трговец) ќе му се изрече за прекршок доколку при утврдување на висината на приходот наведе неточни податоци поради кои дошло до утврдување на помал износ на данок за солидарност“, стои во членовите 11 и 12 од Законот.

УЈП и министерството за финансии имат различни пресмети за тоа колку ќе инкасира државата од данокот за солидарност. Според даночните пријави од 150 те компании доставени до УЈП вкупната сума која треба да биде платена е 2,9 милијарди денари или 48 милиони евра.

Министерството за финансии очекува да се соберат помеѓу 50 и 70 милиони евра а во предлог законот стои дека се окечуваат 4,7 милијарди денари.

Парите собрани од солидарниот данок, според најавите од Владата, ќе се искористат за спроведување на антикризните мерки кои беа најавени уште во август но се уште се во подготовка.

Бизис секторот однонсо Стопанските комори реагираа на Законот за солидарност и неколку пати побараа од Владата да се одложи а откако беше изгласан и стапи на сила до Уставниот суд, на 12 октовмри, поднесоа иницијатив за испитување на уставноста на законот за солидарен данок и во иницијативата се бара времена мерка поради кратките рокови кои им се дадени во законот.

XS
SM
MD
LG