Линкови за пристапност

Колумбија испраќа авиони за да ги врати дома депортираните мигранти од САД


Оваа фотографија објавена од прес-службата на Колумбиските воздушни сили покажува авион Боинг 737-700 пред да се подготви за полетување во Сан Диего, Калифорнија, за да ги врати луѓето депортирани од САД
Оваа фотографија објавена од прес-службата на Колумбиските воздушни сили покажува авион Боинг 737-700 пред да се подготви за полетување во Сан Диего, Калифорнија, за да ги врати луѓето депортирани од САД

Авион на колумбиските воздухопловни сили се очекува да слета во земјата рано денес со 110 Колумбијци депортирани од САД.

Летот од Сан Диего, заедно со друг од Хјустон назад во Колумбија, следи по спорот во неделата кога колумбискиот претседател Густаво Петро одби да дозволи американските воени авиони да ги вратат депортираните Колумбијци дома.

Петро рече дека таквиот третман е без почит.

Неговото одбивање го поттикна американскиот претседател Доналд Трамп да се закани дека ќе воведе царини, за кои Петро рече дека ќе возврати, пред двете земји да објават дека постигнале договор за смирување на ситуацијата.

Петро рече дека летовите на колумбиските воздухопловни сили ќе им овозможат на мигрантите да патуваат дома „без да бидат врзани со лисици“.

„Оваа одредба: достоинство за депортираните, ќе се применува за сите земји што ни испраќаат депортирани“, рече Петро.

Трамп брзо почна да врши депортации, едно од неговите предизборни ветувања, откако ја презеде функцијата минатата недела.

Тој вчера рече дека ако земјите не ги прифатат мигрантите брзо, „тие ќе платат многу висока економска цена и ние веднаш ќе воведеме огромни царини“.

Додека Колумбија се воздржуваше од воените летови на САД, Гватемала прифати неколку летови на американските воздухопловни сили со мигранти од Гватемала депортирани од САД во последните денови.

Последниот лет беше вчера, при што 64 Гватемалци се вратија дома.

Потпретседателката на Гватемала Карин Херера изјави дека ја следи грижата и состојбата на мигрантите кои пристигнуваат од САД.

„Мигрантите од Гватемала се луѓе со права и достоинство. Нашата посветеност е да гарантираме дека нивното пристигнување во земјата, во нивната земја, е во најдобри услови“, рече Херера.

Летовите за депортација на САД не се нови, а американската служба за имиграција и царина спроведува стотици летови секоја година.

Но, употребата на воени летови е нова, а агенцијата претходно користеше комерцијални и чартер летови за да ги депортира луѓето кои се илегално во САД.

Некои информации во текстот се од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG