Американскиот претседател Џо Бајден го пречека во Белата куќа левичарскиот претседател Густаво Петро од Колумбија, земја која Бајден рече дека е клучна на Западната хемисфера.
Двајцата се состанаа во услови на несогласувања околу политиките, како на пример, како се води борбата против дрогата, како и обновувањето на врските на Богота со соседна Венецуела.
Но, двајцата лидери се фокусираа и на областите за кои постои согласување. Зборувајќи преку преведувач, Петро рече дека „демократијата, слободата и мирот“ ја сочинуваат заедничката агенда на двете земји.
„Долго верував, како што веројатно знаете, Колумбија е клучот за хемисферата. И мислам дека имаме можност ако работиме на тоа доволно напорно да имаме Западна хемисфера што е обединета, рамноправна, демократски и економски просперитетена“, рече Бајден.
Петро, исто така, повика на движење кон економија без јаглерод.
„Верувам дека граѓаните во Америка може да имаат најголем потенцијал за демократија и слобода, како и најголем потенцијал за зелени енергии. Значи, имаме заедничка агенда и многу треба да работиме“, рече Петро.
Петро, економист и поранешен член на колумбиската герилска група М-19, победи на претседателските избори во 2022 година со поддршка на гласачите фрустрирани од зголемената сиромаштија и насилство.
Регионалните експерти велат дека најперспективните области за соработка меѓу двете земји се миграциските прашања и глобалните напори за борба против климатските промени преку оддалечување од фосилните горива.