„Гордост е да се развиори македонското знаме меѓу 50.000 маратонци и два-милионска публика, долж патеката, особено кога публиката го препознава знамето и вика ‘go Macedonia’.
Особено гордост и радост предизвикува кога некој наш иселеник ќе го здогледа македонското знаме во Њујорк“, раскажува маратонецот Александар Стоичовски.
Стоичовски е од Скопје, а на 5- ти ноември беше дел од маратонот во Њујорк, кој е со должина од 42 километри и 195 метри, и е помеѓу шесте најголеми светски маратони, заедно со оние во Бостон, Чикаго, Лондон, Берлин и Токио. Вели дека е сон на секој маратонец да учествува на него, за кој вели дека по масовност е сепак најголемиот.
„Њујоршкиот маратон е еден од потешките маратони. Не спаѓа тој во рангот на овие рамни маратони, поради петте моста кои треба да се поминат во текот на патеката и не важи за маратон за бркање време, односно постигнување добар резултат. Но, затоа е еден од најубавите маратони за уживање, поради енергијата која ја има по целата патека“, објаснува Стоичовски.
Кај нас кога се блокирани улиците за Скопски маратон, често слушаме свирење на коли, довикување, пцости, додека овде маратонот го слават како празник
Њујоршкиот маратон е трасиран така што ги опфаќа сите делови на градот, со што не постои подобар начин да се доживее истиот. Се поминува низ Бруклин, Менхетан, Бронкс, а завршува на Централ парк, каде е и финишот на трката.
„Трчаш низ улици и квартови, кои претходно си ги гледал на филмови и серии. Енергичната публика те прави да се чувствуваш како елитен маратонец, давајќи енергична поддршка на секој еден тркач од првиот до последниот“, раскажува маратонецот.
Александар учествувал и на маратоните во Истанбул, Солун, Копенхаген Барселона, Будимпешта, Тирана, Белград, Софија, но и на Скопскиот маратон кој го трчал осум пати досега. Минатата година заедно со уште тројца други Македонци, трчал на маратонот во Бостон.
„Кај нас кога се блокирани улиците за Скопски маратон, често слушаме свирење на коли, довикување, пцости, додека овде маратонот го слават како празник. Сите се излезени во своите дворови. Прават пикник, пуштаат музика, навиваат, им даваат на маратонците вода, овошје, сладолед, пиво“, вели Стоичовски.
Сака да биде инспирација за сите оние кои се колебаат дали да почнат да трчаат. Вели годините не се важни.
„Јас почнав да трчам на полни 40 години. Претходно никогаш не сум се занимавал со спорт. На почетокот беше тешко да се истрчаат и два три километри во тоа време. И на крај памет не ми беше дека некогаш ќе трчам трка, а не пак маратон. Но, со упорност, желба и константни тренинзи, остварливо е да се трча и на најголемите светски маратони“, порачува Стоичовски.
Иако на неколку трки во земјава постигнал добри резултати вели дека за него секој завршен маратон е најголем успех, имајќи ги во предвид неколкумесечените подготовки, истрчаните километри, откажувањата, непреспиените утра.
„Кога ќе ја поминеш финиш линијата секогаш се чувствуваш како најголем победник“, категоричен е Стоичовски.