Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија Рафаел Гроси денеска се сретна со локалните жители за да ги увери за планот на јапонската влада да испушти илјадници литри прочистена радиоактивна отпадна вода од остатоците од нуклеарната централа Фукушима во морето.
Гроси присуствуваше на состанокот на локалните власти и претставници на рибарските заедници во градот Иваки, на околу 40 километри јужно од Фукушима.
Тој на јапонскиот премиер Фумио Кишида вчера му го претстави формалниот преглед Агенцијата и конечното одобрување на планот на Јапонија.
Јапонија вели дека радиоактивната вода, која се користела за ладење на прачките за нуклеарно гориво во Фукушима по катастрофата во 2011 година, е разредена на нивоа далеку под меѓународните стандарди и полека ќе се испушта во океанот во текот на неколку децении.
Гроси рече дека планот за испуштање на прочистената радиоактивна отпадна вода од Фукушима се придржува до глобалните безбедносни стандарди и „ќе има занемарливо радиолошко влијание врз луѓето и животната средина“.
Но, рибарските организации велат дека планот ќе им наштети на нивниот углед меѓу соседите на Јапонија поради загриженоста за можна контаминација на рибарските води во близина на Фукушима, имено Кина, која гласно го изрази своето противење против планот во вторникот.
Првиот човек на рибарското здружение Фукушима, Тецу Нозаки, на состанокот ја критикуваше владата дека продолжила со планот и покрај силното противење на здружението.
Гроси им рече на присутните дека нема магично решение за ситуацијата, но вети дека Агенцијата „ќе остане тука со децении додека не се испушти безбедно и последната капка вода“ од Фукушима.
Тој се очекува да ја посети Фукушима и да отвори постојана канцеларија на Меѓународната агенција за атомска енергија која ќе ги надгледува напорите за ослободување на водата. Тој ќе отпатува во Јужна Кореја, Нов Зеланд по неговата посета на Јапонија за да ја намали загриженоста за планот.
Централата Фукушима стана нефункционална на 11 март 2011 година, кога земјотрес со јачина од 9 степени предизвика цунами што ја зафати североисточна Јапонија пред да стигне до Фукушима.
Високите бранови ги исфрлија системите за напојување и ладење на централата и доведоа до топење на три реактори. Со ова било испратено огромно количество на радијација во воздухот. Биле евакуирани стотици илјади жители и ова ја прави најголемата нуклеарна катастрофа во светот по несреќата во Чернобил во 1986 година.
Дел од информациите доаѓаат од Асошиетед прес и Ројтерс.