Кинески истражувачи со седиште во кинескиот град Хангжоу, неодамна објавија нова верзија на кинески четбот наречен „ДипСик Р1“ кој се спротивставува на можностите на најнапредните производи во САД, но наводно тоа го прави со помалку компјутерски ресурси и за многу пониска цена.
Моделот речиси се совпаѓа со перформансите на апликации изградени од американски фирми како „ОпенАИ“, „Гугл“ и „Мета“, но тоа го прави користејќи само околу 2.000 компјутерски чипови од постарата генерација произведени од лидерот во индустријата со седиште во САД „Енвидија“, додека чини само околу 6 милиони долари за обука.
Очигледниот напредок во кинеските способности за вештачка интелигенција доаѓа по долгогодишни напори на американската влада да го ограничи пристапот на Кина до напредните полуспроводници и опремата што се користи за нивно производство.
Во текот на изминатите две години, за време на претседателот Џо Бајден, САД воведоа повеќекратни мерки за контрола на извозот со специфична цел да го задушат напредокот на Кина во развојот на вештачката интелигенција.
Се чини дека „ДипСик“ воведе иновации на својот пат до одреден успех, развивајќи нови и поефикасни алгоритми кои им овозможуваат на чиповите во системот поефективно да комуницираат едни со други, а со тоа да ги подобрат перформансите.
Дел од она што програмерите на „ДипСик Р1“ го направија за да ги подобрат неговите перформанси е видливо за набљудувачите надвор од компанијата, бидејќи моделот е со отворен код, што значи дека алгоритмите што ги користи за одговарање на прашања се јавни.
Информацијата за можностите на „ДипСик“ предизвика широка распродажба на акции на американските пазари во понеделникот, како што инвеститорите почнаа да се прашуваат дали добро објавените планови на американските компании да инвестираат стотици милијарди долари во центри за податоци за вештачка интелигенција и друга инфраструктура би ја зачувале нивната доминација на теренот.
Вредноста на акциите на на „Мајкрософт“ падна за 3,7%, на „Енвидија“ падна за 15%, а на производителот на чипови „Броудком“ за 16,43%.
Сепак, не сите експерти за вештачка интелигенција веруваат дека реакцијата на пазарот по објавувањето на „ДипСик Р1“ е оправдана.
Мел Морис, извршен директор на „Корпра.аи“ со седиште во Велика Британија, изјави за Гласот на Америка дека иако „ДипСик“ е импресивно парче технологија, тој верува дека реакцијата на пазарот е прекумерна и дека се потребни повеќе информации за прецизно да се процени влијанието што „ДипСик“ го има на пазарот за вештачка интелигенција.
„Секогаш има претерана реакција на работите, а ја има и денес, па ајде само да се повлечеме и да го анализираме она што го гледаме овде“, рече Морис.
„Прво, немаме вистинско разбирање за точно колкави се цената или времето вклучени во изградбата на овој производ. Едноставно не знаеме. … Тие тврдат дека е значително поевтино и поефикасно, но ние немаме доказ за тоа“.
Морис рече дека иако перформансите на „ДипСик“ може да се споредат со оние на производите на „ОпенАИ“„сè уште не сум видел нешто што ме убедува дека тие всушност го направиле квантниот чекор во трошоците за работа со овие видови модели“.