Линкови за пристапност

Кежаровски: Ќе ги победам со вистината


„Сакав само фер и правично судење. Но, обвинителката го ‘застаре’ делото... Ова по којзнае кој пат е уште еден доказ за невладеење на правото и нефункционалноста на правниот систем во Македонија!“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик, новинарот Томислав Кежаровски

„По онаа пресуда во октомври 2013 година, кога ме осудија на 4,5 години затвор, и таа во 2014, кога Апелацискиот суд реши дека во затвор ќе бидам ‘само’ две години, со најновата одлука, де факто, Обвинителството ме осуди на казна – ‘доживотен затвор’“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик, новинарот Томислав Кежаровски, по одлуката на судот дека настапила застареност на делото за кое како еден од обвинетите во „Случајот Ликвидација“, беше осуден пред шест години.

Со најновата одлука, де факто, Обвинителството ме осуди на казна – ‘доживотен затвор’“.
Томислав Кежаровски, новинар


Пред почетокот на долго очекуваното ново судење, обвинителката Марија Ѓорѓиева, образложи дека кривичното дело за кое беше осуден новинарот, од членот 42 од Законот за заштита на сведоци, престанало да важи со измените и дополнување на Кривичниот законик, со кои е додаден членот 369 а - за откривање на идентитет на загрозен и заштитен сведок. Обвинителката затоа го преквалификувала делото и соопшти дека новинарот се гони според новиот член, за кој е предвидена поблага затворска казна од една до пет години, па застареноста од 10 години стапила неодамна на сила.

Новинарот Кежаровски беше осуден на 4,5 години затвор за откривање на идентитет на заштитениот сведок во „Случајот Ореше“ во текст во списанието „Репортер 92“, а казната му беше намалена од Апелацискиот суд на две години. Во 2013 и 2014, Гласот на Америка на македонски јазик го следеше целиот тек на отворениот дел од судењето за „Случајот Ликвидација“, како и реакциите во меѓународната јавност и протестите на колегите новинари од цеховските организации, но и на илјадниците граѓани на улиците на Скопје. Откако помина речиси две години во притвор и во куќен притвор (пет месеци зад решетки во затворот „Скопје“), Кежаровски се најде на слобода, и оттогаш, трае неговата битка за правдата.

„Од делителите на правдата не сакав многу... Сакав само фер и правично судење. Ништо повеќе! Сакав одлуката дали ќе бидам осуден или ослободен од обвинението, да биде донесена во судот, а не некаде надвор од него. Но, од сето тоа ништо! Не успеав... Не дочекав. Обвинителката Ѓорѓева го ‘застаре’ делото... Ова по којзнае кој пат е уште еден доказ за невладеење на правото и нефункционалноста на правниот систем во Македонија! Знаете, животот за мене е Пандорина кутија, преполн со изненадувања, пријатни и непријатни. И секој пат кога ќе ја отворам кутијата, ќе ме изненади нејзината содржина, затоа што го добиваме она што најмалку го очекувавме. Тоа се случи и сега. На повторениот судски процес, за што чекав повеќе од шест години...“, вели во изјавата за Гласот на Америка на македонски јазик, резигнираниот новинар.

Тој потенцира дека има право на фер судење, а не на застарување на многу сериозен случај, и е убеден дека се работи за обид за забошотување: „Ускратувањето на можноста за добивање на правда низ правна разрешница е рамно на неправда! Ова ли е таа заложба за преиспитување на политички монтираните случаи? Каде пишува дека сум невин? Во душата ми стои грутка, тежи и боли, многу боли...“

На крајно подмолен начин ги заштитија сите криминални дејствија направени во ‘Случајот Ореше’, што во сите релевантни извештаи на Европската унија, Европскиот парламент и Стејт Департментот, беше оценето дека е политички монтиран. Режисерите и извршителите останаа недопрени, виновниците за моето апсење, носење во притвор и затвор, останаа сè уште да ликуваат во институциите на системот и прашање на време е кога и против кого повторно ќе кренат рака и ќе му наместат случај.
Томислав Кежаровски, новинар


Јавноста во Македонија веќе пет години чека разврска на пресудата на Кежаровски, поради која реагираа и европската и светската новинарска организација. Особено откако самиот „заштитен сведок“, чиј идентитет според пресудата го открил новинарот, самиот на судење призна дека претходно лажел под притисок на полицијата. И додека се очекуваше разврска на монтираниот случај, Обвинтелството, со одлуката за застарување, не им даде ни шанса на осудените во „Ликвидација“, па и на Кежаровски - за правна сатисфакција.

„На крајно подмолен начин ги заштитија сите криминални дејствија направени во ‘Случајот Ореше’, што во сите релевантни извештаи на Европската унија, Европскиот парламент и Стејт Департментот, беше оценето дека е политички монтиран. Режисерите и извршителите останаа недопрени, виновниците за моето апсење, носење во притвор и затвор, останаа сè уште да ликуваат во институциите на системот и прашање на време е кога и против кого повторно ќе кренат рака и ќе му наместат случај! Срамната одлука на Обвинителството не ги спречи, туку им даде крилја, сега уште пожестоко да се фрлат врз мене и да ми напакостат, оти сега, по сè ова, уверени се дека никој ништо не им може. Дури сега се чувствувам позагрозен од кога и да е!“, ни изјави Кежаровски.

Сепак, тој им упати порака „на сите надлежни во државата, без исклучок“, дека неговата борба за правда не е завршена.

„Ќе ги победам, на овој или на оној начин. Ќе ги победам со вистината! Вистината е најтешкото и најмоќното оружје. Ќе ја покажам уште еднаш, по којзнае кој пат, сета гнилост во Министерството за внатрешни работи, во Судот и во Обвинителството. Морам да ја истерам правдата на виделина... Патот пред мене, знам, е долг и тежок. Но, одамна научив да верувам во себе и во својата способност да се изборам, да ги совладам сите пречки што ќе се најдат пред мене, што ме очекуваат. Научив дека животот е суров. Знам дека можам да сторам многу, сега сум свесен дека мојата сила – нема граница!“, изјави Кежаровски за Гласот на Америка на македонски јазик.

„Докажувањето на вистината е заради себеси, заради моето семејство, заради сите оние што несебично ме поддржуваа и сè уште ме поддржуваат, а навистина ги има многу.... Јас сум слободен човек, во секоја смисла на зборот. Никој не може да ми наложи како да мислам и како да зборувам. Нема таква власт којашто ќе ми ја забрани мислата. Секогаш и секаде ќе бидам таму каде што е неправдата. И не - во вториот или третиот ред, туку напред на чело... Но, мојата борба за правда е, или треба да биде, и наша заедничка борба. Борбата за правда не е ништо друго, туку состојба на умот! Мора да се бориме со сите можни средства, дури и кога тие средства ни изгледаат минорни. Светот во којшто сакам да живеам е свет беа зла, омраза и себичност. Јас сум за општество со еднакви права, обврски и одговорности на сите, за непартизирана, ефикасна и функционална администрација, за нов функционален судски систем... Не се борам само за своите права, туку и за правата на другите. И никому нема да дозволам да ја поткопува правдата. Правда мора да има за секого, без оглед кој е и од каде е. Корумпирано партиско судство повеќе не ни треба. Доста е веќе!“, ни изјави новинарот Кежаровски.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG