По средбата, пак, Венизелос даде изјава само на грчки јазик, но во неа конкретно не наведе дали разговарале за прашањето за името, туку само воопштено коментираше дека Грција ја поддржува европската перспектива на соседните земји, доколку ги исполнат своите обврски. Тој не даде можност за новинарски прашања, но затоа брифираше дека на Кери му ги изложил грчките приоритети на претседателствувањето со ЕУ, дека говорел за грчката и европската економија, за американско-грчката соработка како сојузници и пријатели, за Сирија, за Балканот воопшто, и за Кипар.
Во изјавите пред средбата, Кери и` честиташе на Грција на преземањето на ротирачкото претседателство на ЕУ и најави дека САД ќе продолжат да соработуваат со земјата на нејзиното економско закрепнување.
„Знаеме дека беше мошне тешко, требаше да се донесат тешки одлуки, тоа никогаш не е лесно политички, но тие одлуки беа донесени и мислам дека ситуацијата се подобрува, чекор по чекор. Не само што сакаме да продолжиме да работиме на тоа, туку и на одличната соработка во однос на контратероризмот, Балканот, Блискиот Исток и редица прашања за кои имаме заеднички интерес“, рече Кери.
Грчкиот гостин оцени дека доаѓањето на чело на ЕУ е можност земјата да го покаже лицето надвор од кризата.
„Без соменение, главниот грчки национален проблем е кризата и националната реконструкција по ова мошне тешко исксуство со рецесијата и невработеноста. Но, на полето на надворешната и безбедносна политика, Грција секогаш е фактор на стабилноста за нашата област, за Западниот Балкан, за источниот дел на Медитеранското Море, и, врз оваа основа, служиме на истите вредности, истите гледишта, да помогнеме да се организира нашата натамошна соработка како пријатели и партнери“, рече Венизелос.