Американскиот државен секретар Џон Кери ја претстави визијата за тоа како да се стави крај на конфликтот меѓу Израел и Палестинците.
„Дводржавно решение е единствениот начин да се постигне договор меѓу Израелците и Палестинците“, рече Кери во неговиот говор во Стејт Департмент, и додаде:
„САД гласаа во согласност со нашите вредности. Гласањето во Обединетите нации беше да се заштите дво-државното решение. За тоа се залагавме“.
Потегот на Кери предизвика реакции од израелските лидери, како и од демократските и републиканските законодавци во САД.
Ова прашање беше главен фокус на Кери кога ја презеде функцијата во Стејт департмент во 2013-та година, но години на преговори, вклучувајќи и интензивни периоди на посредничка дипломатија, не резултираа до договор за дводржавно решение, како единствен начин за постигнување мир.
Кери има уште еден месец пред да замине администрацијата на претседателот Барак Обама, и ако евентуално се постигне неговиот договор, тој нема да биде на фотографиите како се поздравува со лидерите на Израел и на Палестинците.
Но, портпаролот на Стејт департмент Марк Тонер изјави дека Кери чувствува одговорност да го искористи останатото време да го претстави неговиот план за придвижување на работите.
„Секогаш е важно процесот да се движи напред, да се проектираат конструктивни визии за иднината, но, исто така да се нагласи фактот дека не сме се откажале од ова, ниту пак сакаме Палестинците или Израел да се откажат“, рече Тонер.
Израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху рече дека резолуцијата е „срамна“, и ги обвини САД за играње активна улога за нејзино поминување.