Државниот секретар Џон Кери вели дека организацијата Исламска држава, ќе почувствува, цитираме, уште поголем притисок“ во наредните неколку недели, додека САД, Франција и други сојузници ги интензивираат своите напори против милитантите.
Кери ова го изјави во Париз, по средбата со францускиот претседател Франсоа Оланд, при што беше дискутирано за различните начини за поголема ефикасност на владите во справувањето со Исламската држава. Средбата се случи неколку дена по нападите во Париз, во коишто загинаа најмалку 129 лица.
Претседателот Оланд вети дека ќе цели на милитантите во Сирија без милост. Тој кажа дека нападите врз Париз биле планирани токму во оваа земја.
Во меѓувреме, француското Министерство за внатрешни работи соопшти дека изминатата ноќ биле извршени 128 рации. Претходно, бил извршен уште поголем број рации, при што уапсени се 23 лица, а на 100 други им е одреден домашен притвор. Властите кажаа и дека го идентификувале осомничениот осмислувач на петочниот смртоносен напад.
Во Брисел, шефицата за надворешни работи на ЕУ, Федерика Могерини, вети целосна поддршка на Унијата во безбедносните напори на Франција.
Француските авиони продолжија со бомбардирање на цели на Исламската држава, со главен фокус на де-факто главниот град на организацијата, Рака.