Линкови за пристапност

Кенија бомбардираше цели на Ал-Шабаб во Сомалија


Реагира на терористичкиот напад во којшто загинаа 148 лица на универзитет во источниот дел на земјата

Кениски воени авиони нападнаа цели во соседна Сомалија, неколку дена откако вооружени припадници на милитантната организација Ал-Шабаб убија 148 лица на универзитет во Кенија.

Според кениската армија, биле нападнати два кампа на Ал-Шабаб во регионот Гедо во јужниот дел на Сомалија. Армиски портпарол соопшти дека камповите биле уништени, но не даде податоци за бројот на загинати. Локален жител за Гласот на Америка кажа дека во нападот биле уништени куќи и загинал добиток, но дека жителите „не забележале човечки жртви“.

Претходно, кенискиот претседател Ухуру Кенијата вети дека ќе одговори на нападот на Ал-Шабаб во Универзитетскиот колеџ Гариса во источна Кенија. Десетици преживеани закрепнуваат од повредите добиени за време на 15-часовното крвопролевање.

Ал-Шабаб има извршено повеќе напади во Кенија последниве години, а организацијата предупреди дека повторно ќе нападне доколку Кенија не ги повлече своите војници, дел од силите на Африканската унија, коишто се борат против милитантите во Сомалија.

Кениското Министерство за внатрешни работи соопшти дека Абдирахим Абдулахи, еден од убиените напаѓачи, е син на кениски владин претставник.

Во Кенија владее тридневна жалост што започна саботата.

Сомалискиот претседател Хасан Шеик Мохамуд за сомалиската редакција на Гласот на Америка неделата изјави дека Ал-Шабаб е регионален непријател против кого треба да се преземе акција. Тој смета дека со тоа што Ал-Шабаб цели главно на христијани во Кенија, сака да ги подели муслиманите и христијаните, но смета дека тоа нема даде резултат затоа што Кенијците се свесни за тактиката. Тој кажа и дека Ал-Шабаб нема достоинство и дека може да напаѓа само ранливи цели, како и дека никаде во исламот не стои да се убиваат оние коишто не се муслимани .

Американскиот претседател Барак Обама, чиј татко е од Кенија, го осуди нападот. Белата куќа соопшти дека Обама и натаму планира да ја посети земјата во јули годинава.

XS
SM
MD
LG