Линкови за пристапност

Убиени терористите од нападот во Најроби


Во напад на хотелско канцелариски комплекс во Најроби, Кенија14 цивили ги загубија животите

Претседателот на Кенија Ухуру Кенијата соопшти дека заврши опсадата на хотелско трговскиот комплекс по смртоносниот напад во Најроби.

Во своето обраќање на националната телевизија денеска наутро претседателот Кенијата рече дека 14 цивили се убиени во нападот на комплексот Дусит Д2, додека 700 цивили се евакуирани од страна на безбедносните сили.

Кенијата посочи дека сите „терористи“ кои учествуваа во нападот на комплексот се „елиминирани“.

Американскиот Стеј департмент потврди дека меѓу загинатите има еден Американец, но жртвата сè уште не е идентификувана. Меѓу загинатите според некои извори има и еден британски државјанин.

Исламската екстремистичка група Ал Шабаб ја презеде одговорноста за нападот, кој започна вчера попладне со експлозија пред банката и самоубиствени бомбашки напади во ходниците на хотелот.

На снимките од видео надзорот можат да се видат четворица вооружени напаѓачи како се движат кон паркингот, при што најмалку еднаш застануваат за да отворат оган.

Преплашените канцелариски и хотелски работници и гости трчаа за да најдат засолниште, излегуваа низ прозорците, се криеја зад полициските возила и зад сѐ што можеа да најдат додека огненото оружје одекнуваше над нивните глави.

Хотелскиот комплекс Дусит Д2, каде има и многу продавници, е популарна локација во Најроби, многу посетувана од американски, европски и индиски туристи, иако не е јасно кој точно беше цел на нападот.

Милитантната исламистичка група Ал Шабаб претходно изведе неколку напади во Кенија, вклучувајќи го и нападот во трговскиот центар Вестгејт во Најроби во 2013 година кога загинаа 67 лица.

Кенија е цел на нападите на милитантите откако кениските сили влегоа во Сомалија во 2011 година, при што Ал Шабаб беше нивна цел.

Вчерашниот напад следеше еден ден откако судот во Најроби соопшти дека ќе бидат судени три лица обвинети за нападот во трговскиот центар Вестгејт во Најроби во 2013 година.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG