Линкови за пристапност

Интервју со Кенет Рот, извршен директор на Хјуман рајтс воч


За генералната оценка дека и арапските земји треба да се вклучат во справувањето со бегалската криза и да преземат дел од мигрантите, првиот човек на организацијата за заштита на човековите права, Кенет Рот, потенцираше:

„Денес сите се фокусирани на Европа. Во 2015-та преку Медитеранот и Балканот, се појавија околу 350.000 бегалци и баратели на азил. Она што е очигледно, арапските држави немаат преземено ниту еден бегалец, иако се богати, делат иста култура, зборуваат ист јазик“, истакна Рот.

„Саудиска Арабија на пример, во своја одбрана вели дека презеле Сиријци им дале работа, што донекаде е точно“, вели тој, „но со статусот - привремен работник, немате долгорочен статус за престој, немате статус на бегалец или државјанство и можете лесно да бидете протерани“.

Рот беше дециден дека Саудиска Арабија и нејзините соседи од Персискиот Залив се чини дека се неверојатно недарежливи кога е во прашање да се реши проблемот со бегалците од Сирија, додавајќи дека ниту една од земјите во Заливот ја нема ратификувано Конвенцијата за бегалци, никој не ги зема предвид легалните обврски кога станува збор за овие луѓе и сите се загрижени за својата демографија.

Рот коментираше и за начинот на кој Европа се справува со мигрантската криза. Во меѓувреме, Германија привремено повторно воведе пасошка контрола на границата со Австрија за да го ограничи напливот на бегалци и мигранти.

„Oд особена важност e германската канцеларка Ангела Меркел и претседателот на Европската комисија Јункер да продолжат со актуелната поддршка, со оглед на фактот што се работи за европски вредности и тоа што и Европа своевремено имало бран бегалци“, смета првиот човек на Хјуман рајтс воч.

Рот се надева дека мнозинството од Европејците, особено од Источна Европа, ќе ги препознаат своите обврски како членки на ЕУ, и ќе ги прифатат овие луѓе, бидејќи се работи за мала бројка со којашто може да се справат. Тој воедно порача дека е време да се каже „не“ на исламофобијата и е против стравувањето дека муслиманите се премногу различни и можно е да се поврзани со тероризам.

Што се однесува до САД, Рот беше дециден дека земјата, со оглед на економската состојба, треба да стори многу повеќе и да го зголеми бројот на бегалци од неодамна највените 10.000 лица.

XS
SM
MD
LG