Линкови за пристапност

Трамп постави нов шеф на кабинет на Белата куќа


Џон Кели кој претходно беше секретар за домашна безбедност, ќе го замени Рајнс Прибус

Пензионираниот генерал од Маринскиот корпус на САД, Џон Кели даде заклетва на функцијата шеф на кабинетот на Белата куќа, со задача да воведе ред по шестмесечното претседателствување на Доналд Трамп.

„Тој навистина ќе ја врши работата одлично“, рече Трамп истакнувајќи ги економските резултати во државата.

„Берзата е на највисоко досега, стапката на невработеност е најниска за 17 години, компаниите работат многу добро, според анкетите, деловниот дух е на највисоко ниво досега,“ рече Трамп. „Работиме многу добро, имаме одлична основа, имаме одлична група за поддршка, има оптимизам во државата, и мислам дека генералот само ќе надодаде на ова,“ додаде претседателот на САД.

Трамп го отпушти Рајнс Прибус, личност од републиканскиот естаблишмент од функцијата од Белата куќа, и на негово место го назначи 67-годишниот Кели. Трамп го познава Кели само неколку месеци, но му се восхитува заради неговиот цврст став во борбата против илегалната имиграција, додека беше на функцијата директор на Одделот за домашна безбедност. Именувајќи го, Трамп Кели го нарече „ѕвезда“ на неговата администрација.

Во времето кога Кели се` уште држеше клучна воена позиција, тој стана највисоко рангиран американски офицер кој изгубил дете во борба во странство. Неговиот син Роберт, офицер во Маринскиот корпус, загинал од нагазна мина во Авганистан во 2010-та година. На Денот на сеќавањето, на крајот на мај, Кели на Трамп на Националните гробишта во Арлингон во близината на Вашингтон му го покажа гробот на неговиот син.

Раните месеци од четиригодишниот мандат на Трамп беа одбележани со меѓусебни „пресметки“ меѓу помошниците во Белата куќа, од кои некои веќе се отпуштени од различни причини.

Спротивно на тоа, Кели би можел да воспостави дисциплина во секојдневните активности во Белата куќа. Според извештаите, тој пред неколку месеци искажал загриженост за хаотичните операции во Белата куќа.

Аналитичарите се сомневаат дали непредвидливиот Трамп е подготвен да наметне нов ред во однесувањето, кое е одбележано со изненадувачки политички коментари на Твитер насочени и кон демократите и републиканците.

Во порака, пред давањето на заклетвата на Кели, Трамп рече дека „нема хаос во Белата куќа!“

Трамп допрва треба да освои голема законодавна победа за неговата популистичка агенда, особено по последниот неуспех кога Сенатот отфрли неколку планови за реорганизација на Законот за здравствена заштита, познат како Обамакеар.

Трамп го повика Сенатот да ги продолжи напорите за укинување и замена на законот, но сите демократски сенатори и неколку републиканци се спротивставија.

Во меѓувреме, претседателството на Трамп останува заглавено во неколкумесечни истраги за мешањето на Русија во изборите во САД во 2016-та година.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG