Валандовци денеска протестираа против отворање на рудникот Казандол, кој според најавите, од средината на идната година треба да почне со ископ на злато, сребро и бакар.
Истовремено, во Скопје стотина граѓани се собраа пред владата во знак на поддршка и обид за притисок врз владата на Заев да најде начин „Казандол“ да не почне со работа. Активистот Зоран Велковски вели:
„Се бориме за животната средина, да обезбедиме здрава околина за нашата иднина и деца. Да се обидеме да апелираме до власта, која и да е, да не ги туркаат работите под тепих и на сила. Парите не се секогаш за тоа за што треба да се бориме, треба да се бориме за животот.“
„Ова е солидарен протест, главниот протест е во Валандово. Тука сме да изразиме солидарност со граѓаните на Валандово. Тоа е значајно не само за граѓаните од југоистокот, туку и за скопјани зашто сите го дишеме истиот воздух, ќе ги јадеме производите од истата почва“ рече Жана Живадиновиќ.
Активистите бараат запирање на сите активности околу изградбата на рудниците, како и стопирање на сите геолошки испитувања - тие што се во понапредна фаза да не добијат дозвола за работа. Пред неколку дена иницијативата „Спас за Валандово“ му пиша писмо на премиерот Заев во кое го потсети дека во предизборната кампања кажал дека рудник во Казандол ќе нема.
Референдумот во Валандово, еден од шесте спроведени против рудниците, беше неуспешен зашто не беше исполнет цензусот од 50 отсто. 3 Три референдуми успеаја, други три не.