Инаугурацијата на американските претседатели не е само историски ден за политичкиот ешалон во Вашингтон, туку и за обичниот вашингтонец, кој во сенка работи овој ден градот да има поразлична боја од навидум тивкиот, секојдневен живот.
20 јануари, секои четири години, е и ден кога рестораните се натпреваруваат со инаугуративни, уникатни рецепти, паралелно со сите официјални церемонии, говори, заклетви и ветувања за иднината на државата.
Еден од нив е и ресторанот „Грик Дели“ лоциран во близина на Белата куќа, кој во книгата на нарачки има 35 години претседателска историја.
Готвачот и сопственик Костас Фостиерис, за Гласот на Америка на македонски јазик, вели дека подготвува посебна храна за претседателските инаугурации, покрај редовните јадења – ќофтиња, мисирка, мусака и други.
Тој се присети дека за време на инагурацијата на претседателот Барак Обама подготвил грчки рецепт – македонско свинско печено месо.
Но, низ смеа рече дека токму името на овој специјалитет предизвикал „скандал“.
Кавгата настанала кога во ресторанот дошле двајца Македонци и нарачале од месото, но наместо да го кажат името како што било напишано на јадењето и до кое имало знаменце со ѕвездата од Вергина, Фостиерис вели дека гостите побарале две порции од „скопското јадење“.
Бидејќи не бил сигурен дали тоа е некаква шега или провокација околу тоа чие е името, им рекол дека такво јадење нема, со очекување дека ќе го кажат точното име. Но, откако гостите повторно не порачале како што било напишано, вели дека одлучиле да си заминат, без да бидат послужени.
Во овој период имало зголемени тензии меѓу македонската и грчката заедница во Вашингтон, бидејќи инаугурацијата на Обама дојде по претседателството на Џорџ Буш, кој ја призна Македонија под уставното име во 2004 година.
Долгогодишниот грчко-македонски спор за името се реши со Договорот од Преспа, што беше потпишан во 2018 година, а со кој државата доби ново уставно име Северна Македонија.
Не можевме да дознаеме што Македонците кои биле во ресторанот имаат да кажат за случката, оти немаме информација кои се тие.
Сепак, Фостиерис вели дека сите гости, независно од каде доаѓаат, дали случајни минувачи или од Белата куќа, ги чувствува како пријатели.
Како, на пример, првите дами на САД.
Особено се радувал на нарачките на популарната пилешка супа со лимон што ги правеле некои од нив.
„Меланија Трамп ја нарачуваше оваа супа за време на првиот мандат на Трамп. Се надевам дека пак ќе ја нарачува, а јас ќе се потрудам да ја направам уште повкусна“, рече Фостиерис, додавајќи дека оваа супа ѝ била омилена и на досегашната прва дама Џил Бајден.
Температурата в понеделник напладне, кога новоизбраниот претседател Доналд Трамп ќе положи заклетва, се очекува да биде до минус 12 Целзиусови степени, најстудена инаугурација во изминативе 40 години.
Фостиерис вели дека очекува неговата кујна да биде полна главно со луѓе од Тајната служба, но и со туристи.
Иако вели дека Вашингтон е мал град, според американски стандарди, сепак, речиси една недела околу инаугурациите, градот обично бил преплавен со луѓе, дури и повеќе отколку што можел да собере.
„Генерално доаѓаат луѓе од цела Америка. Тоа е голема прослава“.
И покрај студеното време, традиционално, и оваа инаугурација, ќе се слави цел ден.
Многу ресторани нудат пици по половина цена, претседателски менија и инаугуративни коктели, а многу ноќни барови го продолжуваат работното време.
Повеќето гости кои имаат билети за инаугурацијата, пак, нема да ја видат церемонијата лично, оти таа е преместена внатре во Конгресот поради рекордно ниската температура.
Втората инаугурација на претседателот Роналд Реган во 1985 година беше последен пат кога церемонијата на полагање заклетва беше во затворен простор.
Facebook Forum