Авганистанскиот претседател Хамид Карзаи, во рамки на неговиот притисок врз САД и НАТО во врска со цивилните жртви, го предупреди НАТО дека напади на куќи додека се цели на милитанти нема да бидат дозволени.
Карзаи во вторник кажа дека авганистанскиот народ нема повеќе да толерира вакви напади и дека коалицијата предводена од САД ризикува да биде видена како „окупирачка сила“ доколку бомбардирањето продолжи.
Забелешките дојдоа еден ден откако авганистанскиот лидер објави, како што рече, „последно предупредување“ за цивилните жртви.
НАТО се извини за смртта на деветмина цивили убиени во саботата во провинцијата Хелманд. Авганистанските власти велат дека во нападот се погодени две куќи и убиени се 14 лица.
Портпарол на Белата куќа во неделата кажа дека САД ја споделуваат загриженоста на Карзаи за цивилните жртви.
Во вторник НАТО кажа дека од нагазна бомба во источен Авганистан е убиен еден припадник на коалицијата. Нема други детали за нападот.
Австралиски претставници кажаа дека двајца од четворицата убиени коалициони војници во Авганистан биле Австралијанци, со што вкупниот број на убиени од оваа националност во конфликтот порасна на 26.
Во меѓувреме, главниот британски генерал предупреди против секакво значително повлекување на трупите од државата пред крајот на 2012.
Некои тврдат дека смртта на лидерот на ал-Каида Осама бин Ладен е добра причина за засилување на повлекувањето од Авганистан.