Кампањата се уште непочната, а веќе се појавија сомнежи дека изборите ќе бидат фер и демократски. Стравувањата дојдоа токму од актуелниот министер за внатрешни работи кој, како предлог на ВМРО-ДПМНЕ, го води овој ресор во техничката влада на премиерот Џафери. Својата загриженост Панче Тошковски ја изнесе на конференција на која се зборуваше за зајакнување на соработка меѓу институциите во период на избори. Аргумент за ваквото тврдење е дека не му било дозволено да именува началници во места во западниот дел од земјата.
„Да, ќе сторам се за фер и демократски избори. Загрижен сум дали и владата ќе стори се што може. Зошто? Зашто владата се дрзна на еден крајно безобразен начин да ги лаже граѓаните, меѓународната заедница, а и мене. Не дозволија промена на систематизацијата за да можам да поставам началници кои ќе требаше да го гарантираат фер и демократски процес на територија на Тетово, Гостивар, Брвеница“, рече министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
И Антикорупциската комисија, која од неодамна доби нов состав, гледа потенцијални слабости во процесот, пред се во некои одредби од Изборниот законик.
„Особено на рокот на уплата на донации – рокот за уплата овозможува да се уплатуваат донации до дента на затврање на трансакциската сметка што подразбира уплата на пари и по објава на конечните резултите. Оваа законска нерегуларност овозможува ризик за корупција“, вели претседателката на антикорупциска комисија, Татјана Димитровска.
За Љупчо Коцевски претстојните двојни – претседателски и парламентарни избори ќе бидат први откако ја презеде функцијата Јавен обвинител. Тој, пак, стравува од опасноста некој да влијае врз изборниот процес преку дезинформации и манипулации на граѓаните.
„Особено во последниот период предизвик е справувањето со говорот на омраза поттикнат од вжештената предизборна реторика, но и со обидите да се влијае врз изборниот процес со употреба на современите технологии и социјални мрежи. Затоа, апелирам на воздржаност и разум“, вели јавниот обвинител Љупчо Коцевски.
За прашањето на фер изборен процес се разговараше и на средбата меѓу претседателот Пендаровски и делегацијата на ад-хок комисијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа која ќе ги набљудува претстојните избори во земјава.
„На средбата беше изразено очекување дека претстојните претседателски и парламентарни избори ќе бидат фер, демократски и во мирна атмосфера, во целосна согласност со националното законодавство и меѓународните обврски и стандарди“, пишува во соопштението од кабинетот на шефот на државата.
Кампањата за претседателските избори официјално почнува наредниот четврток. Но, политичките партии веќе од поодамна, неофицијално, ја почнаа кампањата и трката по гласот на граѓаните.