СКОПЈЕ – Останува на банките да одлучат дали ќе го прифатат апелот на премиерот Христијан Мицкоски и ќе се откажат од банкарските трошоци при распределбата на 250 милиони евра од унгарскиот кредит за бизнисот и ќе останат на ставот дека и тие ќе бараат 3,25 отсто камата на име на банкарски трошоци, пари кои што ќе мора да бидат платени од Буџетот, односно од џебот на граѓаните. Премиерот Мицкоски викендов, во министерството за финансии, ќе има средба со банкарската асоцијација на која треба да се прецизираат деталите и да се пресече дали и преку која комерцијална банка ќе се пласираат средствата за бизнисот.
Премиерот денес нагласи дека парите од унгарскиот кредит се тука, на банките е да одлучат дали сакаат да помогнат или не односно дали ќе покажат општествена одговорност и ќе се откажат од банкарските трошоци.
„Да почекаме во недела да биде средбата со банкарската асоцијација и тогаш ќе излеземе со официјален став. Нашиот став е тој. Треба сите заедно да работиме во овие тешки моменти исто како што се работеше во времето на Ковид и енергетската криза. Ако тие мислат дека сега не треба така да работат во ред. Тоа е нивна одлука. Тие се приватни субјекти. Ние како Влада не може да се мешаме. Наше беше да обезбедиме средства за бизнисот и економијата. Тука се средствата. Половина милијарда се тука. Условите ги знаеја, уште пред изборите ги кажав условите“, рече премиерот Христијан Мицкоски.
Двесте и педесет милиони евра, како кредити ќе бидат пласирани во бизнисот односно стопанството со каматна стапка од 3,25 отсто со грејс период до три години и рок на отплата од дванаесет години. Според, неофицијални информации банкарите за да се нафатат да ги пласираат овие средства побарале приближно исто да изнесуваат и банкарските трошоци односно 3,25 отсто камата. Министерката за финансии Димитриеска - Кочоска соопшти дека поради ризикот кој го преземаат банките и во случај да се појави ризичен кредит инсистирале каматата да ја покрие државата и од Владата се согласиле, односно дополнителните 3,25 отсто да бидат покриени од Буџетот и парите на граѓаните. Димитриеска во интервју за „360 степени“ откри дека една банка прифатила да субвенционира дел од каматата за кредитите за фирмите од заемот од Унгарија но не откри која.
„Во целата таа ситуација се појави одредена банка која на посебен состанок со премиерот изјавила дека е подготвена да учествува со делот субвенционирањето на каматата. Јас не би откривала ништо повеќе од тоа“, кажа министерката Димитриеска – Кочоска.
Уште еден проблем за кој се преговара е рокот на враќање на кредитот. Во банкарскиот сектор тој е од 7 до 10 години, а од Владата бараат да биде 15 со три години грејс период.
Во меѓувреме се огласија и од бизнисот секторот од каде побараа итно да се вбризгаат свежи пари во стопанството бидејќи се неопходни.
Facebook Forum