Линкови за пристапност

Тензиите и натаму високи по инцидентот на Калето

  • Соња Трајковска

Тензиите и натаму високи по инцидентот на Калето

Покрај државниот врв, со реакции се јавија многу политички субјекти, а социјалните мрежи се преплавени со повици за пресметки.

Полицијата приведе три лица поврзани со вчерашниот инцидент на скопското Кале. Кај еден од нив е пронајден наполнет пиштол. Еден има само 15 години. Се` уште се прегледуваат видео снимките и се идентификуваат оние кои ја предизвикаа пресметката меѓу главно млади момчиња. Канонадата од камења и повремени директни судири меѓу, како што подоцна беа идентификувани, членови на навивачките групи Комити и Шверцери, заврши со осуммина повредени, од кои двајца полицајци.

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска оцени дека полицијата добро си ја завршила работата имајќи предвид дека дека протестите се и од едната и од другата страна.

„Се` на се` полицијата се обиде да спречи поголема ескалација на настаните и согласно целата констелација на условите немаше пропусти“, изјави Јанкуловска на прес конференција.

За прашањето - што барал нејзиниот заменик Џевад Бучи на Калето вчера и претходно, кога се уриваше конструкцијата на музеј- црквата, Јанкуловска рече дека не е прашање на кое таа треба да одговори. Одговорноста за тоа според неа е политичка и таа е во надлежност на институциите кои го именувале. На снимките од инцидентот се гледа како Бучи му ги вади лисиците на еден од учесниците, што претходно полицијата му ги стави. Тоа според министерката било тактичка одлука.

„Одговорноста и однесувањето на политичките функционери го ценат соодветните органи кои ги именувале и пред се` таму станува збор за политичка одговорност. Од она што ми беше презентирано, се работи за тактичка одлука каде на лицата веќе им е утврден идентитетот, и нивно дополнително задржување не би значело дополнителен проблем за истрагата“, рече Јанкулоска.

Бучи, пак, порача дека тој ќе одговара само пред лидерот на неговата партија Али Ахмети, бидејќи само пред него имал одговорност за неговата работа. За неговото присуство на Калето вели:

„Беше напнато и тензично. Доколку сте заборавиле јас сум заменик-министер и тоа беше неопходно и мораше да се направи. Морав да ја смирам ситуацијата за да не ескалира“, рече Бучи.

Холандската амбасадорка Симоне Филипини денеска беше во Министерството за надворешни работи. Заменик министерот Зоран Петров според соопштението реагирал на тоа што еден од вработените во Амбасадата, прв човек на невладината „Разбуди се“, Артан Груби, бил меѓу органзиаторите на протестите против изградбата на музејот црква, а некои медиуми објавија видео материјали на кои се гледа како тој е вклучен и во инцидентите. Амбасадорката Филипини, по средбата изјави дека очекува брзо да се расчисти инцидентот, а дека нејзина е одговорноста за вработените во Амбасадата. Таа најави санкции доколку се утврди одговорност.

„Нема сега да навлегувам во тоа. Тоа е моја одговорност како амбасадор. Имавме добри разговори со заменик министерот за надворешни работи и тоа ќе остане таму. Знаме дека е активен во НВО, но она што се случи вчера, се случи. Сметам дека е многу важно да следува целосна истрага, која ќе разјасни што точно се случи вчера, пред да се донесат прерани заклучоци“, рече Филипини.

Вчера реагираше и Амбасадата на САД во Скопје. Велат, состојбата од нивна страна се следи внимателно.

„Ги повикуваме сите инволвирани да бараат решение преку мирен и конструктивен дијалог“, се вели во реакцијата од Амбасадата.

Сите политички партии едногласно го осудија инцидентот. За опозицијата, ВМРО ДПМНЕ и ДУИ си играат со оган, кога се ставаат во улога на директни провокатори и реализатори на меѓуетничките тензии, додека владејачките партии сметаат дека меѓуетничките односи не смеат да се злоупотребуваат од опозицијата за сопствена политичка корист.

Но, по вчерашниот инцидент очигледно ништо нема да биде исто. Социјалните мрежи се преплавени со повици за пресметки. Некои од нив се закажани веќе за оваа сабота.

XS
SM
MD
LG