Линкови за пристапност

Какви се економските можности за Северна Македонија во екот на затегнати односи САД – ЕУ?


Професорот по економија, Анастас Џуровски, смета дека Северна Македонија својата шанса треба да ја бара преку соработка со американскиот сектор на услуги. Фото: Скопје, плоштад „Македонија“, февруари, 2025
Професорот по економија, Анастас Џуровски, смета дека Северна Македонија својата шанса треба да ја бара преку соработка со американскиот сектор на услуги. Фото: Скопје, плоштад „Македонија“, февруари, 2025

Северна Македонија може да ја искористи кризата во економските односи меѓу ЕУ и САД и да привлече повеќе компании во земјата, смета министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, како и дел од домашните економски и бизнис експерти.

Северна Македонија треба да биде паметна, вели министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, коментирајќи ги последните случувања на релација, ЕУ и САД, кои можат да се рефлектираат и на економски план.

„Јас мислам дека за Македонија кризите се шанса, затоа што доколку сме паметни, многу компании кои што бегаат од одредени други дестинации, можеме да ги привлечеме тука и наместо да губиме работни места, да отвораме работни места. И мислам дека тоа ќе го гледате во периодот кој што доаѓа“, истакна Николоски на неодамнешен јавен настан во Охрид.

Како пример тој посочи дека „светската економска криза и европската должничка криза беше време кога добар дел од постоечките странски инвестиции дошле токму тогаш“.

Бизнис моделите на соработка се најчесто два: отворање на подружници на американски компании кај нас или, пак, преку ‘аутсорсинг’
Анастас Џуровски, Професор по економија, УКЛО

Професорот по јавни финансии на Универзитетот „Св.Климент Охридски“ во Битола, Анастас Џуровски вели дека Северна Македонија својата шанса треба да ја бара преку соработка на македонски компании со американскиот сектор на услуги.

„Бизнис моделите на соработка се најчесто два: отворање на подружници на американски компании кај нас или пак работа преку ‘аутсорсинг’, што исто така е интересно. Карактеристично е тоа што и двата модели се исклучително успешни, а овој тип на компании се едни од оние со најбрз раст на македонскиот пазар“, вели Џуровски.

Џуровски смета дека и државата може да се вклучи во овој процес преку субвенции за основање на такви микро компании.

„Најчесто тоа се прави преку олеснување на процесот на добивање на информации, учество на бизнис форуми и слично, но треба да се охрабрат и македонските претприемачи, особено младите претприемачи, да ги користат постојните деловни платформи кои се достапни на интернет, кои се лесно достапни за нас, и кои можат да донесат огромен успех“, посочува Џуровски.

Но, Виктор Мизо, претседател на Советот на странски инвестиции во Северна Македонија поинаку гледа на актуелните случувања и можното воведување санкции.

За него САД бараат начин да ги изедначат условите под кои тргуваат со Европа, мислење што го темели на изјави на американскиот претседател од јануари кога изјави, „Европската Унија е многу, многу лоша за нас. Затоа и таа ќе биде вклучена во новите царини. Тоа е единствениот начин, мора да има правичност“, рече тогаш Трамп.

„Не сум сигурен дека тие царини ќе бидат нешто што е долгорочно присутно, бидејќи различно е што прават САД визави Кина и со Европа. Можеби тоа е барање за некое изедначување на условите за да се има ист принцип, како се третираат нивните производи во Европа и европските во САД“, смета Мизо.

Кога станува збор за автомобилската индустрија, тој смета дека царините може да имаат директно влијание кај некои од германските производители на премиум возила, бидејќи некои од нив за глобалниот пазар се произведуваат во Европа, а потоа се извезуваат во САД, но може да немаат поизразено влијание врз крајните потрошувачи.

„Ако купувате премиум возило кое чини над 150.000 долари, дали на тие луѓе ако тоа возило е малку поскапо тоа нешто им значи, бидејќи таа цена на возило ја купуваат најчесто ултра богати луѓе. Тоа може да влијае кај некои средни класи на возила“, додава Мизо.

Како тоа ќе влијае врз компаниите во Северна Македонија, зависи од тоа кое е портфолиото на тие компании, односно за кои брендови и модели на возила станува збор, вели Мизо.

XS
SM
MD
LG