Линкови за пристапност

Како се издавале дипломи и акредитации: Државата почнува ревизија врз универзитетите


Ќе почнеме од таму каде се пријавуваат неправилности и постепено со тек на време ќе направиме ревизија на сите, најави министерката за образование, Весна Јаневска
Ќе почнеме од таму каде се пријавуваат неправилности и постепено со тек на време ќе направиме ревизија на сите, најави министерката за образование, Весна Јаневска

Ќе се проверува сè, од тоа како се добивале акредитации за работа, па до начинот на издавање на дипломи.  Онаму каде што ќе се констатираат недостатоци ќе биде даден рок истите да бидат отстранети. Во спротивно, ќе следи губење на акредитациите за образовна дејност. Автор Мики Трајковски

Државата почнува со ревизија на работата на сите приватни и државни универзитети во земјата, но и за начинот на кој се издавале дипломи. Онаму каде што ќе се констатираат недостатоци ќе биде даден рок истите да бидат отстранети. Тие што нема да постапат, ќе мора да затворат, односно ќе ја изгубат акредитацијата за работа, изјави премиерот Мицкоски. Министерката за образование, Весна Јаневска неодамна рече дека станува збор за подолг процес.

За сè што ќе има пријава ќе се постапува, а веќе имаме и почнуваме да постапуваме
Весна Јаневска, Министерка за образование

„Ќе почнеме од таму каде се пријавуваат неправилности и постепено со тек на време ќе направиме ревизија на сите. За сè што ќе има пријава ќе се постапува. А веќе имаме и почнуваме да постапуваме. Имаме за т.н универзитет на Мерко, за еден државен универзитет и за уште еден приватен универзитет. Тоа што не исполнува услови неможе да работи“, изјави Јаневска.

Владата веќе формираше и Национално координативно тело за реформи во високото образование, чија што задача ќе биде анализа на работата на високо- научните институции со цел воспоставување ред и законско работење.

„Треба да се контролира, не само од страна на инспекциските служби туку и од полициските служби. Сите тие сомнителни дипломи треба да се истражуваат. Веројатно ако се откријат, треба да има сериозна судска постапка“, вели Мерсел Биљали, универзитетски професор.

Просветниот инспектор во пензија, Ѓорѓи Илиевски вели дека треба да се испита сè, од тоа како се добивале акредитации за одредени факултети.

„Во овие осум години е акредитирано сè и сешто. И тука имаме разни ситуации, каде најлесно се поминува и каде наместо да имаме квалитет, имаме квантитет и сите одат во приватните факултети. И имаме ситуација на печатење на дипломи, каде немаме квалитет“, вели Илиевски.

Имаме ситуација на печатење на дипломи, каде немаме квалитет
Ѓорѓи Илиевски, просветен инспектор во пензија

Политиката треба да ги тргне рацете од образованието, ако државата сака да има квалитетно високо образование, кое ќе биде ценето во Европа, категоричен е Илиевски.

„Вака поставени никој нас не не препознава, затоа сме таму каде што сме на Шангајската листа, на срамот на образованието. Тоа Македонија не заслужува да го има. Но ќе го има ако се направат промени и трансформации во сите делови од образованието“, посочува пензионираниот просветен инспектор.

Ако целта е да се подобри квалитетот на образованието, треба да се воведе т.н мерит систем, односно систем на заслуги и вредности додава Биљали.

„Тогаш по автоматизам ќе зајакне образованието и ќе пропаднат универзитетите кои продаваат дипломи. Тие ќе ги заклучат вратите оти нема да можат да функционираат во такви услови. Има многу луѓе кои купиле дипломи во нашите универзитети, можеби за пет-шест месеци, а пишува дека биле 4 години. И тој сега бидејки има партиски врска ќе напредува и ќе му се даде важна функција“, посочува Биљали.

За да сето тоа се елиминира вели Биљали, потребен е закон, во кој прецизно ќе се воведат критериуми и механизми, според кои ќе се селектираат и унапредуваат кадрите.

XS
SM
MD
LG