Линкови за пристапност

Како комуникацијата меѓу ДПМНЕ и ДУИ се сведе на „бисквити, гурабии, криминали, млеко, УЧК“


Северна Македонија, Претседателски избори 2024 година
Северна Македонија, Претседателски избори 2024 година

Бисквити, гурабии, тврдини, криминали, млеко, УЧК – овие зборови станаа дел од дневната јавна комуникација меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Двете партии кои до пред седум години безмалку цела деценија заедно владееја со земјата, од пред неколку дена се во сериозна кавга. Со загревањето на кампањата за парламентарните избори се вжешти и размената на навреди кои преминаа и во закани. На зголемените тензии денеска реагираа и од СДСМ, кои во јавните пораки меѓу нивниот коалициски партнер и главната опозициска партија се само спореден играч.

„Претстојните избори се клучни за иднината на државата и на граѓаните. Овие избори не се за бисквити и гурабии, туку за иднината. Заканувачките тонови и пораки се враќање назад 20 години“, се вели во реакцијата на социјалдемократите.

Ситуацијата почна да се електризира откако на повиците на Христијан Мицкоски испорачани на митинзите дека ДУИ треба да одговара за криминалите, одговори Али Ахмети, исто така на митинг, и исто така во зовриена атмосфера.

Али Ахмети
Али Ахмети

„Јас патував малку подолго и одвај чекав да дојдам тука кај вас за да му кажам неколку зборови на Христијан Мицкоски. Христијан Мицкоски е пораснат со гурабии, Христијан Мицкоски е пораснат со бисквити. Јас сум пораснат во кула од камен што три пати е изгорен од поробувачите. Христијан, народот мој вели дека камен по камен се гради тврдината, збор по збор започнува бељата, не започнувај беља. Не започнувај беља и бирај ги зборовите, уште си млад“, рече Ахмети.

Не му требаше многу на Мицкоски да одговори, без многу воздржување, преку социјалните мрежи.

Христијан Мицкоски
Христијан Мицкоски

„Заканите доаѓаат од човек пред политичка пензија, помалку и заборавен, но сепак со добро грло, кое го вежба пеејќи по државни институции, и партиски прослави. Важен му бил на Али мојот оброк од детството, чудно... Па, се обидува заканите преку вицови да ги испрати. Ќе му одговорам! Мојот оброк Али во детството го печалеа моите родители со многу љубов и жртва да ме израснат и воспитаат во личност која ќе почитува и ќе се бори за својата Македонија. Но што е важно? Важно е Али да дадеш одговор со што ги хранеше твоите, па денес голобради момчиња печалат милиони, ја купуваат Соравија...“, напиша Мицкоски.

Пораката на партискиот лидер до ДУИ беше дополнително потврдена на еден од собирите на ВМРО-ДПМНЕ.

„Тие закани се акт на нервоза, но и закани кои многу кажуваат за структурата на Али Ахмети. Секогаш кога ќе ги фатите со криминал се повикуваат на УЧК. Секогаш кога ќе ги фатите за корупција повикуваат на војна. Секогаш кога ќе им кажете дека ќе одговараат велат дека ќе се случела беља. Да им порачам од овде ова не е 2001, ова е 2024, прво. Второ, ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ не е исто како тоа од 2001 година и ние нити ви се плашиме, нити ќе ви попуштиме, нити ќе седнеме на иста маса со вас да преговараме, камо ли да се договориме“, рече Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Што ќе значи оваа јавна пресметка за по изборите. Дали ова претставува дефинитивно раздружување на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и печат за политичка несоработка во наредниот период, или е само вообичаен „политички фолклор“ за сопственото гласачко тело во пресрет на изборите зашто и двете партии досега и во периодото кога беа заедно во владата покажаа дека знаат да се раководат од мотото „Никогаш не вели не“. Ситуацијата ќе стане појасна по 8 мај кога ќе се одржат парламентарните и вториот круг од претседателските избори.

XS
SM
MD
LG