Ова не е прв пат кандидатката на Зелената партија Џил Стајн да се кандидира за претседател на САД. Во 2016 година, Стајн доби нешто повеќе од 1% од гласовите. Многу демократи веруваат дека тие гласови ја чинеле Хилари Клинтон претседателската функција.
Во Мичиген, на пример, Доналд Трамп ја победи Хилари Клинтон со помалку од 11.000 гласови, додека Стајн доби над 51.000 гласови. Некои експерти велат дека не е јасно оти сите гласови за Стајн би биле за Клинтон.
„Мислам дека не би требало да се каже „Ох, таа личност само краде гласови“ затоа што не знаете какво би било однесувањето на тие гласачи доколку навистина беа принудени на само два избора“, вели Кајл Кондик од Центар за политика на Универзитетот на Вирџинија.
Луѓето кои избираат да гласаат за кандидати од трета страна, тоа го прават од сопствени независни причини. Толку се огорчени од постојните партии, што всушност даваат протестен гласЏек Раков, Универзитетот Станфорд
Слична ситуација имаше во 2000 година, кога кандидатот на Зелената партија Ралф Нејдер освои речиси 100.000 гласови во Флорида, а Џорџ Буш го победи Ал Гор со само 537 гласа.
„Проблемот со оваа формула е во тоа што кога имате избори кои се доведуваат во прашање, претпоставувате дека вториот избор на луѓето навистина би бил важен. И мислам дека целиот овој модел е погрешен. Луѓето кои избираат да гласаат за кандидати од трета страна, тоа го прават од сопствени независни причини. Тие се толку многу огорчени од постоечките партии, што всушност создаваат протестен глас“, смета Џек Раков од Универзитетот Станфорд.
Сепак, демократите повторно изразуваат загриженост дека Стајн би можела да влијае на овие избори, во некои случаи обвинувајќи ја дека работи на поткопување на Харис.
Кога Гласот на Америка ја праша кампањата на Стајн, кодиректорот на прес-службата Сем Фајфл одговори велејќи дека напад на кандидат од трета партија, цитирам „не е само напад врз демократијата... туку форма на потиснување на гласачите за да се заплашат луѓето да не гласаат за она што тие сакаат - или дури и воопшто да не гласаат“.
Но, во одлучувачките сојузни држави, како Мичиген, каде што има најголем број муслимани во САД, Зелената партија може да има поголемо влијание. Тоа е затоа што многу муслимани вознемирени од хуманитарната криза во Газа се лути поради поддршката на Бајден за Израел.
Според извештајот објавен минатиот месец од страна на Советот за американско-исламски односи, 40 отсто од муслиманите во Мичиген изјавиле дека планираат да гласаат за Стајн, додека 12 отсто рекле дека ќе гласаат за Харис.
„Таа ќе земе повеќе гласови од Камала Харис, а демократите во сојузните држави каде трката е тесна не беа успешни да ја задржат надвор од гласачкото ливче. Значи, ако гледаме дека трката се сведува на неколку сојузни држави, таа има можност да влијае на таму на денот на изборите“, посочува Џон Фортир, од Американскиот Ентерпрајз институт.
Истиот извештај, исто така, покажа дека повеќе муслимани планираат да гласаат за Стајн наместо Харис во Висконсин и Аризона, држави каде што Џо Бајден тесно го победи Доналд Трамп во 2020 година.
Во изборна година каде што победникот ќе биде со тесно водство, гласовите на Зелената партија би можеле да направат разлика.