Предвидено е Талат Џафери да ја задржи спикерската позиција. СДСМ ги задржува внатрешни работи, одбрана, здравство, транспорт, правда, труд и социјала, го добива образование, а и вицепремиерските места за евроинтеграции и за економија. Ресорот земјоделство најверојатно оди кај Беса.
„Квалитетни, чесни и отчетни кадри ќе бидат предложени за сите ресори од двете страни, кадри кои ќе бидат подготвени во целост да ги испорачаат определбите од владината програма. Во владата нема да се предлагаат министри без ресор, а исклучок ќе бидат вицепремиерските места“ вели Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Опозицијата го тврди спротивното за ново-старата коалиција.
„Коалицијата СДСМ-ДУИ не е за напредок на државата, туку за продолжување на лагите, криминалот и корупцијата.Коалицијата СДСМ-ДУИ е за продолжување на матните тендери, распродажба на државните интереси за сметка на личното богатење. Македонија нема да види преродба туку стагнација, проблеми и продлабочување на поделбите“ рече Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ.
Второпласираната коалиција во албанскиот блок смета дека идната влада нема да биде легитимна за Албанците и дека кусо ќе трае.
„Оваа влада е на две стаклени нозе и нема да опстои многу долго“ вели Африм Гаши, Алтернатива.
„Нека им биде јасно, ќе имаат голем противник, да знаат дека сме спремни да им возвратиме исто како што и тие се однесуваат“ изјави Зијадин Села, Алијанса за Албанците.
Во наредните денови се очекува мнозинството во Собранието да го реизбере Џафери за спикер. Потоа би следел изборот на новата влада на Зоран Заев.