Линкови за пристапност

Како изборите во Бугарија ќе влијаат врз поддршката за Украина?


Резултатот покажува дека може да дојде до зајакнување на влијанието на Москва во Бугарија и потенцијално зголемување на повиците за мирно решавање на руската војна против Украина, вели Маргарита Асенова од Фондацијата Џејмстаун
Резултатот покажува дека може да дојде до зајакнување на влијанието на Москва во Бугарија и потенцијално зголемување на повиците за мирно решавање на руската војна против Украина, вели Маргарита Асенова од Фондацијата Џејмстаун

По релативно нискиот одѕив од 40 отсто на парламентарните избори во Бугарија што се одржаа во неделата, резултатите покажуваат дека нема директен победник, а партиите се упатени кон коалициски разговори.

Аналитичарите велат дека резултатите би можеле да влијаат на позицијата на Бугарија за руската војна во Украина.

Двопартиската коалиција ГЕРБ-СДС, предводена од поранешниот премиер Бојко Борисов, победи на предвремените парламентарни избори со 26,51 отсто од гласовите, објави Централната изборна комисија на Бугарија на својата веб-страница, врз основа на неофицијални регионални резултати.


Прозападната реформска коалиција Продолжуваме со промените-Демократска Бугарија или ПП-ДБ е на второ место со 25 проценти. Преродбата, со 14 отсто од гласовите, е на третото место, пред ДПС, која доби речиси 14 отсто поддршка од гласачите. Бугарската социјалистичка партија, наследник на Бугарската комунистичка партија, заврши со историски ниски 9 проценти.

„Најголемиот неуспех беше подемот на Русофилската партија на третото место, добивајќи пет процентни поени повеќе од минатата година“, рече Маргарита Асенова, аналитичар во Фондацијата Џејмстаун.

„Ова ќе го зајакне влијанието на Москва во Бугарија и потенцијално ќе ги зголеми повиците за мирно решавање на руската војна против Украина, фаворизирајќи ја поделбата на Украина што ја посакува Кремљ“, рече таа.

Во исто време, и двајцата веројатни победници споделуваат проевропски, про-НАТО позиции и силна поддршка за Украина. За време на владата на поранешниот премиер Кирил Петков, тајно снабдување со муниција од бугарско производство стигна до Украина уште во април 2022 година, како што објави Гласот на Америка. ПП и ГЕРБ минатиот ноември гласаа за воена помош на Украина.

По гласањето, Борисов рече дека стабилната влада во Бугарија е единствениот начин за излез од кризата.

„Со оваа страшна војна во Украина, со оваа прераспределба на светот и целиот синџир на снабдување, ние многу јасно мораме да застанеме со демократскиот свет“, ја пренесе изјавата на Борисов Асошиетед прес. Борисов првпат беше избран за премиер на Бугарија во 2009 година.

Во претходното интервју за Гласот на Америка, Петков ги повика лидерите на ЕУ да воведат најстроги санкции против Русија во првите денови од целосната инвазија и исто така ја нагласи својата проевропска позиција на гласачките места.

„Гласав за нормален европски живот, да имаме нормална европска влада, нормални европски патишта, нормална европска здравствена заштита, нормално европско образование“, рече тој, пренесе АП.

Петков ја предводеше бугарската влада формирана од коалиција од четири партии во периодот од декември 2021 до август 2022 година.

И покрај нивните слични политички позиции, формирањето коалиција меѓу две политички сили не е дадено, велат експертите.

„Премногу непријателство се акумулираше во последната година до тој степен што беше официјална политичка стратегија да се негира каква било можност за идна соработка“, изјави за Гласот на Америка Христо Панчугов, доцент на Новиот бугарски универзитет.

ПП и нејзиниот сојузник, Демократска Бугарија, ветија дека никогаш нема да соработуваат со ГЕРБ и нејзиниот водач, обвинувајќи ја партијата дека претседавала со неконтролираната корупција за време на нејзиното долго владеење. Борисов ги отфрли обвиненијата.

„Дури и малите соработки на заедничките политички позиции ќе бидат исклучително тешки. Со локалните избори кои доаѓаат наесен, партиите уште повеќе ќе се двоумат да влезат во партнерство што може да ги доведе до губење на поддршката“, рече Панчугов.

Но, силниот настап на русофилските партии на овие избори, рече Асенова, може да принуди двајца веројатни победници да соработуваат и да формираат стабилна двопартиска коалиција.

„Ќе биде историска шанса за ГЕРБ и ПП да ја вратат земјата на тешко заработеното место и улога во Европа и НАТО и да и го измијат лицето од срамната проруска реторика додека продолжува бруталната геноцидна војна на Москва против независна Украина“, кажа таа.

Огњан Минчев, професор по политички науки на Универзитетот во Софија, Бугарија, укажува на други сили кои ги туркаат двете политички сили да формираат коалиција.

Минчев рече дека и двете политички сили ќе имаат корист од приклучувањето кон владината коалиција, што ќе ѝ овозможи на ГЕРБ да го врати својот легитимитет по масовните протести во 2020 година против корупцијата во владата на Борисов.

Тоа би ѝ помогнало и на политичката сила на Петков да ја задржи својата изборна поддршка, која е намалена во последните три изборни циклуси.

Дел од информациите се преземени од АП, Ројтерс и Радио Слободна Европа

XS
SM
MD
LG