Линкови за пристапност

Македонката Билјана Јуруковски ги фотографира племињата во Африка


 Biljana Jurukovski 8
Biljana Jurukovski 8

Македонскиот фотограф Билјана Јуруковски, по потекло од Прилеп, а која живее во Австралија, има невообичаена пасија. Таа со својот фото апарат веќе пет години го доловува животот на домородните племиња на Африканскиот континент, за кои вели дека се специфични и посебни по многу нешта.

Помеѓу илјадниците фотографии кои ги направила, нај фасцинантни за неа се оние на девојки и жени кои му припаѓаат на племето Сури или Сурма кое се смета за едно од најизолираните во Етиопија. Тие живеат на границата со Јужен Судан во областа Кибиш и достапноста до нив е многу тешка. До сега успеала да фотографира и неколку други племиња во Етиопија, Ангола како и ловците со орли во Монголија.

Јуруковски за Гласот на Америка вели дека на овој начин сака да ги прикаже убавината и уметничките вештини на луѓето од племенските заедници но и нивните традиции и обичаи. Уште како мала сонувала да го прави, односно да посетува невообичаени и изолирани локации и култури и истите да ги споделува со останатите луѓе.

Се почнало сосема случајно откако претходно ја прочитала книгата „Before They Pass Awayод фотографот Џими Нелсон. Била воодушевена од неговите фотографии кои биле презентирани во книгата, а биле посветени на луѓето кои живеат во племиња.

„Додека ги гледав неговите фотографии многу прашања ми се вртеа во глава, дали овие луѓе се уште постојат и како можам да стигнам до нив. Тоа беше така се до денес кога веќе имам одговор на тие прашања, преку мојата посета на овие племиња“, вели Јуруковски.

„Мојата цел е да ја прикажам убавината особено на оние делови на Африка кои во повеќето случаи се прикажани низ бедата, сиромаштијата и војните. Сакам да ги фотографирам луѓето и нивниот начин на живеење, но само во области и земји што останале недопрени од современиот свет. Сакам преку моите фотографии да предизвикам дебата за различните култури и за начинот на кој тие живеат“, додава таа.

Јуруковски оваа година трет пат по ред била во посета на племето Сури

За своите искуства од средбите со овие луѓе раскажува дека за се што сакате да направите па дури и да ги фотографирате претходно мора да се добие дозвола од главатарот на племето. Оваа година трет пат успеала да го посети за неа едно од најинтересните се уште живи племиња на светот Сури.

„Племето Сури посебно ги прави интересно нивните ритуали односно вештини на разубавување кои вклучуваат шминкање и ожилување. Најмногу се фокусирам на жените во племето Сури, кое е артистично племе со непресушни декорации на своите тела. Тие ги користат своите тела како платна на кои сликаат уникатни цртежи направени од правот на камчињата. Се украсуваат со материјали од својата околина, цвеќиња, ливчиња, треви, школки, рогови од животни и други работи.“ раскажува Јуруковски.

Особено е интересен нејзиниот серијал Tribal Muse, за кој таа вели дека претставува колекција од интимни портрети на прекрасните сурии односно Сурма луѓе.

Вели дека честопати оди во Етиопија но и повторно и повторно се враќа назад со цел да им го покаже на овие луѓе сето она што го направила. Сè до пристигнувањето во Кибиш и за време на целиот престој таа е во постојана полициска придружба, затоа што вели дека одењето на гости кај овие племиња била доста ризична работа, бидејќи станувало збор за области кои се изолирани и каде се уште се водат војни помеѓу различните племенски групи.

„За едно вакво патување кај племенските заедници неопходни се добри подготовки. Мора да имате доволно информации каде одите, со кого одите, да имате добри и искусни водичи. Пред заминување потребно е да се вакцинирале, а потребно е да се носат и различни медикаменти“, вели Јуруковски.

Биљана додава со секоја нова посета на овие племенски заедници таа е побогата со нови информации за нив но и за тоа дека се уште на земјината топка некои луѓе на овој начин го практикуваат животот.

Добитничка е на престижни награди за фотографии посветени на племенските заедници

За она што го работи добитничка е на многу престижни светски награди. Нејзината фотографија „Ловец на орли“ била избрана за фотографија на денот од „National Geographic“. Победник е и на Independent Photographer за 2018-та во категоријата „Луѓе“ како и на годинешните „Heritage bank photography awards“ за 2017 година. Влегла и во најтесниот избор за најдобар австралиски фотограф за 2018 година во категориите патувања и луѓе. Исто така нејзината работа е објавена и во неколку специјализирани списанија за фотографија.

Иако професионално ја извршува функцијата извршен менаџер на група домови за стари лица вели дека нејзината вистинската животна љубов е фотографијата.

Не застанува овде затоа што и понатаму ќе продолжи да го прави ова бидејќи вели дека само на овој начин дел од овие племиња никогаш не би исчезнале, иако физички се соочуваат со такво нешто.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG