Што е 4-ти јули?
Четврти јули, познат како Ден на независноста, е ден кога во 1776-та година, 13 американски колони ја усвоија Декларацијата за независност од Британија.
Официјално се прославува од 1941-та година и традиционално, со огномети, паради, концерти и скара.
Огномети
Огномети има низ целата држава, а најспектакуларниот, се организира во главниот град Вашингтон. Тие не се новина. Конгресот ја одобри употребата на пиротехничките средства, како дел од прославата на Денот на независноста, во Филаделфија, во 1777-та година, и оттогаш, огнометите станаа популарен начин за одбележување на празникот.
Безбедност
Со оглед на фактот што милиони Американци го слават празникот, локалните и федералните власти имаат одговорност да се грижат за безбедноста.
Во Њујорк, каде што ќе се одржи најголемиот огномет, е веќе планирано огромно полициско присуство. Минатата година на прославата имало околу 3 милиони луѓе. Големото обезбедување се очекува и во Вашингтон, каде исто така традиционално, ќе се одржи и концертот пред зградата на Конгресот.
Неделава, полицијата во Охајо уапси лице за кое кажа дека планирало да активира бомба на прославите во Кливленд. Властите соопштија дека Диметриј Питс, родум од САД, изразил лојалност кон милитантната група Ал-Каида, а имал намера да изврши напади и врз други локации во Кливленд и Филаделфија.
Историја
На 2-ри јули, 1776-та година, Континенталниот конгрес гласаше за независност. Два дена подоцна, делегатите од 13-те американски колонии ја усвоија Декларацијата за независност, изготвена од Томас Џеферсон.
Востанието на САД против Британците започна во 1775-та година, а борбата траеше се` до потпишувањето на Договорот од Париз во 1783-та, со кој и официјално се призна независноста на Соединетите Американски Држави.
Facebook Forum