Линкови за пристапност

Новинарство - професија која изчезнува


На студиите по новинарство на Правниот факултет во Скопје, во учебната 2019/20 година се запишаале само 12 студенти

До пред околу петнаесет години, бројот на студенти по новинарство на УКИМ, секоја година беше и за осум до десетпати повисок, но, да се биде дел од „седмата сила“ веќе неколку години, очигледно, не е предизвик во Северна Македонија.

Сепак, запишаните 12 студенти на новинарство годинава, се досега најмалата бројка на овие студии, иако тенденцијата на намалување е присутна повеќе години.

Во медиумите и особено на социјалните мрежи, неретко се објавуваат ставови и оценки, дека новинарството последниве години е на најниските гранки, дека традиционалните медиуми се под стриктна контрола на политичките и бизнис моќници, а дека со хаосот што владее во интернет медиумите, се урива дигнитетот на чесната професија, која треба да биде контролор на секоја власт и посветено да им служи на интересите на граѓаните и на општеството во целина.

Под влијание и на технолошкиот развој, но, многу повеќе со политички притисоци врз огласувачите, особено поголемите компании во инаку немоќното и сиромашно македонско стопанство, полека исчезнуваат печатените медиуми

Вчера беше соопштено дека најверојатно ќе престане да се печати уште еден дневен весник „Независен“, со што во целата држава ќе останат три дневни весници на македонски и два на албански јазик.

Националната Македонска радио и телевизија (МРТВ) одамна ја загуби својата улога на јавен сервис, а програмската ориентација на приватните ТВ станици, најчесто директно ја кројат сопствениците, според сопствените бизнис интереси.

Во таква ситуација во медиумската сфера воопшто, прашање е дали и може да се проблематизира односот на младите кон оваа професија и минималниот интерес за неа.

Горан Михајловски, новинар со три ипол децениско искуство, поранешен главен уредник на два високотиражни дневни весника и актуелен прв човек на порталот sdk.mk, именуван според насловот на неговата неделна колумна „Сакам да кажам“, која ја ја објавува полни 28 години, во изјавата за Гласот на Америка на македонски јазик, вели дека воопшто не е изненаден од опаѓањето на интересот за студирање новинарство.

„Денеска новинарството не само што не е платена професија, туку не е ни почитувана. Колку новинари, наградувани колеги, познати личности во професијата, брендови во македонското новинарство, го напуштија или беа принудени да го напуштат новинарството затоа што од вистинско новинарство не се живее. За нив, нема леб во новинарството, затоа што професијата им ја киднапираа импровизатори, рекетари и неписмени, кои дури и кога препишуваат не знаат асално да препишат. А оние што не сакаа да ја компромитираат професијата и лично да се компромитараат, едноставно се повлекоа. Всушност само ние, малкумината што уште нѐ држи ентузијазмот, уште сакаме да веруваме дека кај нас постои новинарство. Нема новинарство. Нема новинари затоа што секој мисли дека може да биде новинар. Да си купи домејн, да си отвори портал, да си седи дома во влечки и да ги рефрешира агрегаторите на вести, да препишува, да преобјавува и да се претставува како новинар“, вели Михајловски.

Тој посочува уште еден проблем со кој професијата, медиумите, но и македонската јавност ќе се соочат во блиска иднина.

„Проблем е што наскоро ќе исчезнат и оние медиуми што произведуваат оригинална содржина. Последен пример е згаснувањето на ‘Независен’, една од малкуте редакции која, иако мала, работеше според професионални новинарски стандарди. Кога сите ние што произведуваме наша содржина, вработуваме новинари, проверуваме пред да објавиме, објавуваме оригинални фотографии, одиме на настани, патуваме ќе исчезнеме, тогаш од кого ќе препишуваат препишувачите? Кого ќе оценуваат тогаш, специјализираните сервиси за ‘проверка на факти’, за ‘мерење на вистината’, за ‘ловење лажни вести’, кога нема да има кого да измерат? И за каква етика ќе зборува Советот за етика кога ќе останат само неетичните? Најголем проблем е што луѓето не сфааќаат дека ова не е проблем на новинарите. Ова е проблем на општеството. Нема информација, живејте си во мрак. И читајте си партиска пропаганда“, вели Михајловски.

И професорката на Правниот факултет Јасна Бачовска, во една изјава за медумите, потенцираше дека малата заинтересираност за студирање новинарство е најверојатно аларм да се констатира што бара еден млад човек во новинарството.

„Веројатно само многу проблеми, а многу малку пари. Состојбите на медиумскиот пазар се такви какви што се, сопствениците и капиталот ја диктираат новинарската професија, и затоа верувам дека имаме мал број на заинтересирани млади луѓе да студираат новинарство“, изјави таа.

Новинарката Кристина Алексиеска од ТВ „Морис“ од Охрид, која во кусиот новинарски стаж успеа да биде и автор на награден документарен филм и на една книга, за Гласот на Америка на македонски јазик, на оваа тема, изјави дека новинарството е дефинитивно професија во која ако еднаш влезете, тешко дека ќе успеете да се извлечете и да не се враќате назад.

„Но, глобализацијата и брзиот проток на информации го направија своето, па веќе на новинарот не му се дозволува правото на ексклузива, оти го имаат сите со пристап до интернет. Сепак, така често се доведува во прашање кредибилитетот, легитимноста, кому навистина може да му се верува. Друг проблем е и што премногу се работи според принципот на copy-paste, па истражувањето е сведено на минимум. Кога станува збор за нас, младите, кои имаме желба за работа, самата ситуација нè тера да ги спласнеме емоциите и едноставно, да прифатиме да бидеме просечни. Наместо, како гласноговорници на општеството, да ја разгориме жарта и за тоа да добиеме поддршка, а не да правиме стории за во фиока. За волја на вистината, морам да ја споменам и финансиската страна. Никој не очекува да се збогати од новинарска работа, но за жал, новинарството стана најнеблагодарната професија. Едноставно, новинарите не се доволно платени, а медиумите се во лоша состојба особено локалните и регионалните“, вели таа.

Марина Тунева, извршен директор во Советот за етика во медиумите (СЕММ), во изјавата за Гласот на Америка, е децидна дека „загубата на довербата во новинарството низ годините наназад, си донесе свои последици“.

„Јавноста негативно реагираше, а и сѐ уште реагира, на сензационализмот, неточноста во информирањето, пристрасноста, дезинформациите, поделеноста. Медиумите долго време се користеа како продолжена рака на моќниците кои ги злоупотребуваа од лични мотиви, а дури и во самите медиуми, одредени луѓе остваруваа свои интереси на сметка на интересот на јавноста. Губењето доверба во новинарството, секако, резултираше и од губењето довербата во институциите на системот. Фактот дека се изгуби квалитетот на новинарското известување, значително влијаеше и на прифаќањето и на влегувањето во оваа професија. Младите генерации избегнуваат да се запишуваат на студиите по новинарство бидејќи им е јасно дека ова не е професија што носи профит. Можеби при упис на факултетите тие имале и по малку ‘романтизирана’ слика за новинарството, не знаејќи на што ќе наидат во редакциите. Неретко сме забележувале случаи и оние што студирале новинарство, себеси повеќе да се гледаат во други професии. Сето ова влијаеше и на заинтересираноста и ентузијазмот на младите генерации да се впушат во предизвикот и да ја научат професијата. Да не заборавиме и дека миграцијата е, исто така, фактор што придонесува за намалување на бројот на студенти. Таквата состојба, најверојатно, ќе продолжи и во периодот пред нас“, вели Тунева.

Таа рече и дека не се сомнева оти во блиска иднина образовните институции ќе се соочат со економскиот предизвик и ќе ги убедуваат студентите и нивните родители дека изучувањетo на новинарската професија сѐ уште има вредност.

„Секако дека она што ќе го прави образовниот систем и факултетите за новинарство за да се справат со ваквите перцепции е од големо знаење. Но, примарно е градењето доверба во новинарството. Справувањето со досегашните кочници, нѐ остава пред избор: или да жалиме за околностите што нѐ снашле, или да работиме кон тоа да ги промениме“, смета таа.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG