Генералниот инспектор при Одделот за правда на САД соопшти дека ќе ги истражи акциите на Одделот за правда и на Федералното биро за истраги (ФБИ) за време на претседателската кампања во 2016-та.
Неговата намера била да се утврди како Директорот на ФБИ Џејмс Коми и заменик директорот ја спровеле проверката на употребата на приватниот сервер за електронска пошта на демократката Хилари Клинтон, и да се увери дека ФБИ и Одделот за правда ја следеле својата сопствена политика и процедура.
Прес-секретарот на Белата куќа Џош Ернест во четврток кажа дека се надева оти истрагата ги следела доказите.
„Оваа администрација неуморно ја штити независноста на генералните инспектори, заради што ние нема ни приватно ни јавно да коментираме за каква било одлука донесена од кој и да било генерален инспектор“, рече Ернест на брифинг во Белата куќа.
„Разбирливо, влогот на генералниот инспектор одговорен за вакви видови на истраги е уште поголем. Јас можам да ви кажам дека Белата куќа не била инволвирана во овие одлуки и се` што ќе одбере да истражува генералниот инспектор е нешто што само тој или таа ќе го направи врз база на нивниот поглед на ситуацијата, нивното сопствено знаење на фактите и надежта е дека ќе следи каде ќе ги доведат доказите, ако бидат најдени некакви докази“, кажа Ернест пред новинарите на попладневниот брифинг.
Демократите велат дека постапувањето на Коми по прашањето за имејлите и неговата одлука да испрати писмо да не се гони Клинтон на неколку недели пред изборите, е една од главните причини за поразот на Клинтон во трката со Доналд Трамп за претседателската функција.