Американскиот државен секретар Џон Кери, зборувајќи во петок во Виетнам на Универзитетот Хо Ши Мин, кажал дека престојната администрација која доаѓа на власт во Соединетите американски држави, нема да влијае врз пријателството кое го имаат Виетнам и САД.
Кери кажал дека двете земји делат заеднички вредности и неможат тие да бидат променети со доаѓањето на новата Влада.
„Нашето пријателство не зависи од поединци, еден или друг претседател, оваа или онаа партија. Нашето пријателство е засновано врз интересите што ги делиме, и во тоа што го имаме претходно договорено, а се однесува на нашата иднина,“ рече Кери.
Кери потенцираше дека со доаѓањето на Доналд Трамп на власт идната недела, кој инаку се противи на Транс-пацифичкото партнерство, може да го укине договорот, но додаде дека технологијата, а не трговските договори, носат губиток на работни места.
„Ова е време кога автоматизацијата е се` поприсутна, со што продуктивноста расте, но работната сила се намалува или се префрла во други индустрии. Тоа е една од причините ако се вклучите во протекционистичката политика, таа нема да функционира,“ додаде Кери.
Кери пред присутните зборуваше и за тензиите во Јужно Кинеското море, потенцирајќи дека САД не заземале став околу тврдењата на двете земји за нивните територии, но побара од вклучените страни во овој спор да се воздржат од провокативни акти.
Во овој момент дури шест држави, вклучувајќи ги Кина и Виетнам, тврдат дека поседуваат некој дел од морето.
Утре, Кери има во план да ја посети Меконг Делта, областа каде се борел за време на Виетнамската војна.
После посетата на Витнам, Џон Кери ќе отпатува за Париз каде ќе учествува на конференцијата за постигнување мир на Блискиот Исток, додека во Лондон има закажано средба со Британскиот секретар за надворешни работи, Борис Џонсон.
Неговата последна посета како државен секретар, ќе биде на Светскиот економски форум кој ќе се одржи во Давос, Швајцарија.