Посетата на Јоханес Хан на Скопје го означи стартот на процесот на скрининг - аналитички преглед на европското законодавство, што е подготвителна фаза на пристапните преговори кои, ако се оди според планираното, треба да почнат во јуни догодина. Затоа, еврокомесарот за проширување присуствуваше на денешната тематска владина седница на која освен што беше утврдена динамика за наредните месеци, беа назначени вицепремиерот Бујар Османи за главен политички преговарач и советникот на премиерот Бојан Маричиќ за главен технички преговарач. До крајот на месецот ќе треба да се изготви и концепт за преговарачка структура.
„Преговорите за членство со ЕУ се историска задача за институциите, но и за општеството. Затоа испраќаме порака дека овој врвен државен приоритет ќе го води владата, но во него ќе учествуваат и собранието, судството, опозицијата, медиумите“, изјави премиерот на Македонија, Зоран Заев.
Хан го пофали сработеното, порача дека одблиску ќе се набљудуваат критичните области –судството и реформите во јавната администрација и разузнавачките служби. Повтори дека договорот со Грција е приоднес за регионаланата стабилнсот. Ги повика сите чинители во општеството да се обединат за една надпартиска цел – зачленување во Унијата.
„Вратата кон ЕУ е ширум отворена, но само вие може да решите дали ќе ја искористите оваа можност или не. Силно ги охрабрувам граѓаните да го изразат своето демократско право – да учествуваат на референдумот, особено младите луѓе зашто видовме избори и референдуми во други земји каде младите решија да не учествуваат и на пример, Британија донесе одлука, која не е во интерес на младите луѓе“, рече еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.
Премиерот денеска одговори на синоќешната реакција на руската амбасада за неговата изјава дека руски бизнисмени ги финансирале протестите во Македонија по договорот за името. Тој се повика на информации и извештаи што ги добил.
„Tреба сите да знаат, треба да знае и Руската Федерација дека нема алтернатива за Република Македонија освен полноправното членство во ЕУ и НАТО. Ние остануваме да блескаме во аспектот на градење на пријателството со сите. Ние сме мала земја со пријатели, без непријателства секако имаме поголеми шанси за нашите перспективи. Тоа го докажавме со соседите, тоа го правиме насекаде во ЕУ со земјите членки во НАТО, сакаме да го правиме и со сите земји во светот“, додаде Заев.
Паралелно со деблокирањето на евроатлантската интеграција на Македонија преку договорот од Преспа, во изминатите денови се забележува искричење во односите меѓу Скопје и Москва која е отворено против зачленувањето на земјава во НАТО - јавното праќање пораки меѓу премиерот и руската амбасада е последно во серијата.
Facebook Forum