Линкови за пристапност

По повлекување на аболицијата, Хајндл ќе се фокусира на преодна влада


По повлекување на аболицијата, Хајндл ќе се фокусира на преодна влада
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:35 0:00

По повлекување на аболицијата, Хајндл ќе се фокусира на преодна влада

Специјалниот германски пратеник за Македонија утре ќе ги каже неговите согледувања за состојбата во државата

Специјалниот германски пратеник за Македонија Јоханес Хајндл, ја почнува дводневната олеснувачка мисија, со еден клучен проблем помалку, по одлуката на претседателот Ѓорге Иванов за целосно повлекување на помилувањата.

Хајндл може да се фокусира на другите отворени теми, како рестартирање на процесот на преговори меѓу власта и опозицијата, што беше закочен токму поради помилувањата потпишани од шефот на државата. Агендата на искусниот дипломат денес е набиена – тој ги финишира состаноците со лидерите на македонскиот блок Заев и Груевски, а се сретна и со Ѓорѓе Иванов.

Утре, како што дознаваме, предвидени се состаноци со првите луѓе на ДИУ и на ДПА Али Ахмети и Мендух Тачи.

Какви пораки Хајндл пренел официјално ќе се знае дури утре за кога, за разлика од двете претходни посети на Скопје во изминатите неколку седмици, е предвидена негова изјава.

Она што неофицијално во одредени политичко-партиски кругови се зборува, е дека по затворањето на аболицијата, Хајндл, но и другите претставници на меѓународната заедница, имаат повеќе маневарски простор за насочување на енергијата кон можното договарање преодна влада, како и формата и составот што таа би ја имала.

Меѓудругото ова е едно од трите клучни барања што Шарената револуција вчера ги испорача. Демонстрантите очекуваат оставка на актуелната влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, формирање преодна до 18-ти јуни, до кога сакаат и Уставниот суд да се произнесе за уставноста на Специјалното обвинителство, како и прекин на сите процеси против членовите на Шарената револуција.

Оваа листа врвот на СДСМ доцна синоќа ја разгледа и дел од барањата влегоа во планот на опозицијата за излез од кризата.

„Планот содржи два клучни чекора што мора да се завршат до 18-ти јуни. Прво Уставниот суд да ја потврди уставноста на СЈО. Правдата е уставна категорија и не смее да биде под закана. Сите приведени граѓани мора да бидат ослободени и прогонот да прекине. Само така договорот од Пржино ќе преживее. Исто така треба да се формира и преодна влада, која на фер начин ќе ги спроведе изборите“, изјави во денешното обраќање лидерот на СДСМ Заев.

Дел од обврските на таа влада, според Заев, мора да биде и затворањето на две важни прашања договорени во Пржино, а кои се клучни за фер изборен процес - прочистување на Избирачкиот список и реформа во медиумите.

XS
SM
MD
LG