Во Скопје, дел од медиумите вчера јавија за засилен дипломатски притисок пред најновата рунда преговори за името меѓу Македонија и Грција. Во Њујорк, по средбите со преговарачите Наумовски и Василакис, посредникот Нимиц оцени дека немало пресвртен напредок, но дека преговорите ќе продожат. Во Вашингтон, на брифингот во Прес-центарот за странски новинари, ја прашавме портпаролката на Стејт департментот Џен Псаки - дали САД планираат подиректно да се ангажираат за решавање на долготрајниот спор?
„Продолжуваме со поддршката за тековните разговори за спорот околу името на Македонија под раководство на ОН и решавањето на ова долготрајно несогласување, нешто што би сакале да се случи што е можно поскоро“, рече Псаки.
Таа изрази надеж дека водачите на Македонија и Грција ќе најдат заеднички прифатливо решение во интерес на евроатлантската интеграција, економскиот просперитет, мирот и безбедноста во регионот. Портпаролката на Стејт департментот рече дека во ситуација кога разговорите продолжуваат, улогата на САД е да го поддржат процесот и да поттикнат да се изнајде решение.