Линкови за пристапност

Хирошима ја одбележа 73-та годишнина од нападот со атомска бомба


Во бомбардирањето на градот на 6-ти август 1945 година загинаа 170 илјади лица

На церемонијата за одбележување на 73-та годишнина од фрлањето на нуклеарната бомба врз Хирошима за време на Втората светска војна, градоначалникот на овој јапонски град предупреди од бранот на национализам кој претставува закана за светскиот мир.

Во говорот во Меморијалниот парк на мирот во Хирошима, градоначалникот Казуми Мацуи рече дека некои нации „повторно ги подгреваат тензиите кои беа намалени со крајот на Студената војна“ иако тој не идентификуваше за кои нации станува збор. Мацуи рече дека овие држави „експлицитно изразуваат национализам“ истовремено модернизирајќи го нуклеарното оружје.

Но, Мацуи исто така ја повика Јапонија да преземе лидерство во елиминирање на нуклеарното оружје. Токио е под заштита на таканаречениот „нуклеарен чадор“ на САД и не` е потписник на Договорот за забрана на нуклеарното оружје.

Во бомбардирањето на Хирошима на 6-ти август 1945 година загинаа 170 илјади лица. Ова беше првата употреба на атомско оружје во светот. Три дена подоцна беше бомбардиран и градот Нагасаки, во кој загинаа повеќе од 70.000 лица. Ова доведе до безусловно предавање на Јапонија и крај на Втората светска војна.

Зборувајќи на денешната церемонија, премиерот Шинзо Абе рече дека Токио ќе стори повеќе за надминување на јазот меѓу нуклеарните и ненуклеарните нации, повторувајќи го јапонското спротивставување на нуклеарното оружје.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG