Линкови за пристапност

Јанева отфрли вмешаност во случајот „Рекет“


Јанева отфрли вмешаност во случајот „Рекет“
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:50 0:00

По осум дена молк, Јанева се појави во јавноста. Ги отфрли обвинувањата против неа. Тврди дека ниту свесно ниту несвесно не била инволвирана во изнуда на пари од бизнисмени.

По осум дена молк Катица Јанева се појави пред јавноста. Утринава дојде во Специјалното јавно обвинителство и закажа прес конференција на која не беа дозволени прашања од бројните новинарски екипи. „Јас сум чиста“, кажа Јанева и си замина. Многу клучни детали и понатаму остануваат неразјаснети.

Во кусата изјава таа ги отфрли шпекулациите дека е вмешана во случајот „Рекет“ и нагласи дека ниту свесно ниту несвесно не ја злоупотребила својата функција и положба. Очекува транспарента судска постапка во која ќе се докаже дека е невина.

“Најодговорно тврдам дека ниту свесно ниту несвесно, ниту со сторување или несторување, не сум ја злоупотребила должноста која во моментов ја извршувам. Јавно ги охрабрувам правосудните органи до крај да ги расчистат сите околности за конкретниот случај. Затоа очекувам низ една транспарента правосудна постапка да се стави крај на сите неофицијални информации со кои некој се обидува да им наштети на мојата чест и углед“, рече Јанева.

Осумдневниот молк го образложи со тврдење дека не сакала да влијае на истрага.

„ Дозволете да ви се извинам што свесно оставив подолг период да не излезам со свој став во јавноста иако воопшто не ми беше лесно да го следам јавниот линч, решив дека нема со ниту еден мој потег да создадам впечаток дека правам притисок или се мешам во истражните дејствија“, кажа Јанева.

Јанева имала информации дека не само Бојан Јовановски – „Боки 13“ туку и други лица го користеле нејзиното име за „различни цели“ без да прецизира точно за што станува збор. Потврди дека се познава лично со сега притворениот Јовановски и додаде дека тоа не значи дека некој стекнал право да ја злоупотребува нејзината службена должност, за евентуално да остварува привилегии или да презема незаконити дејства.

„За жал подолг временски период до мене допираат гласови дека не само лицето Бојан Јовановски туку и многу други, без да знам, го злоупотребуваат моето име и презиме за различни цели“, рече таа.

Од Обвинителството соопштија дека денеска е пронајден и одземен и вториот телефон на Катица Јанева за кој тврдеше дека е бил загубен во Белград. Телефонот е пронајден во Македонија, а лицето кај кого е најден апаратот изјавило дека го добило на поклон. Одземениот телефон е даден на вештачење за да се утврди дали и каква комуникација имало со притворените во случајот „Рекет“ и со нивните жртви.

Она што е потврдено досега е дека рекетарскиот двоец изнудил 1,5 милион евра од бизнисмен кој е под истрага во случајот „Империја„ на СЈО. Обвинителката Рускоска потврди дека на снимките кои ги доставил бизнисменот, на спикерфон, се слуша и глас на обвинителка но не прецизираше дали станува збор за Јанева.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG