Заврши гласањето за првиот круг избори за претседател на државата. Сите седуммина кандидати дадоа изјави за медиумите откако и тие самите го дадоа својот глас на избирачките места. Еве што пред неколку часа порачаа Стево Пендаровски, Гордана Силајновска-Давкова, Стевчо Јакимовски, Арбен Таравари, Билјана Ванковска, Максим Димитриевски и Бујар Османи.
„Очекувам мирен изборен процес, не само денеска, туку и на 8 мај кога ќе се одржат вториот круг на претседателските и парламентарните избори.Тоа е исклучително важно, не толку за индивидуалните кариери на секој од нас кандидатите кои сме на овие претседателски избори, тоа е исклучително важно за целата држава, за Македонија, бидејќи држава која преговара со Европската Унија не смее да си дозволи лош изборен процес. Имаме долго искуство во таа смисла, повеќе од 30 години сме независна држава, имаме поминато многу изборни циклуси и јас се надевам дека како и минатиот пат, така и сега тоа ќе биде со запазување на највисоките европски и меѓународни стандарди“, рече кандидатот на „Европаска иднина“, Стево Пендаровски.
„Ако денот се познава по утрото, а мислам на вчерашното утро, тогаш дојде нешто што јас на последниот ден од митингот го нареков – дојде време, дојде час да си замине оваа власт. Јас никогаш не агитирам за себе, граѓаните знаат за кого да гласаат и знаат да си го искористат избирачкото право. Ако победам, а мислам дека сигурно ќе влезам во вториот изборен круг, сметам дека она што го видов од вчерашните резултати е добар граѓански показател“, рече кандидатката на „Твоја Македонија“, Гордана Силјановска - Давкова.
„Многу сум среќен што денеска гласаме за наш претседател, ниту за српски, ниту за бугарски, ниту за грчки претседател. Вечна слава нека им е на Асномците коишто ги удрија темелите на современата македонска држава и го остварија вековниот идеал на македонскиот народ.Најголема штета се прави на Македонија, ако не се излегува да се гласа. И втората замолница е да се излезе да се гласа `за`, а не `против`“, рече кандидатот на „Храбро за Македонија“, Стевчо Јакимовски.
„Мојата порака до сите е овие избори да бидат фер и демократски и да победи подобриот. Ние ќе го прифатиме секој резултат. Атмосферата е добра, има ентузијазам и гледам дека граѓаните масовно излегуваа, што е добар знак за опозицијата. Мислам дека не е сега моментот да се кажуваат тие неправилности. Навикнати сме на тие притисоци, купувања гласови за коишто веќе има и видеоснимки. Меѓутоа, тоа ќе го објави нашиот штаб и веќе се известени сите релевантни институции во земјата и меѓународните претставници во Македонија“, рече кандидатот на „Вреди“, Арбен Таравари.
„Ова е малку необична ситуација затоа што ние на универзитет кога сме подложени на избор излегуваме надвор од просторијата и коректно е да не гласаме за себе. Меѓутоа, ова е друг тип битка, ова е политичка битка во која, всушност, со чинот на гласање ја изразувам сопствената убеденост во тоа што го говорам, во тоа што го понудив и се надевам дека голем број граѓани ќе го направат овој чекор да дојдат до гласачките места“, рече кандидатката на „Левица“, Билјана Ванковска.
„Народот да се одважи, да излезе, што помасовно и да ја даде поддршката на тој за кој смета дека ја заслужува. А секако јас како кандидат ќе ја почитувам народната волја, на сите граѓани на Макеоднија. Нека денешниот ден биде празник на демократијата во Македонија и на Балканот. Со оглед дека водевме нерамномерна кампања, особено во делот на медиумскоското спонзорирање каде што најголем дел од средствата ги имаат самонаречените големи партии, мислам дека граѓаните тоа го препознаваат и на крајот ќе излезе ставот што тие ќе го кажат. Очекувам така да продолжи и во текот на денот, но кога ќе се пребројат гласовите тогаш ќе биде се јасно“, рече кандидатот на „Знам“, Максим Димитриевски.
„Мислам дека овие избори не се обични избори, туку се одлучувачки избори по однос на иднината на државата. Граѓаните се исправени пред две опции – пред изолацијата или интеграцијата. Очекувам да ја донесат правата одлука“, рече кандидатот на „Европски фронт“, Бујар Османи.