Испраќањето новогодишна честитка на најблиските, некогаш беше традиција, но денес се помалку луѓе го прават тоа. Граѓаните велат дека дигитализацијата, односно интернетот и мобилните телефони си го направиле своето.
„Се’ е преку социјални мрежи, електронски“, велат граѓаните.
„Порано беше традиција, сега не. Тоа повеќе го нема. Сега е малку помодерен живот, електронски честитки. Ниту праќаме ниту добиваме“, велат граѓаните.
„Искрено, не. Од кога се појави интернетот не, многу ретко. Штета и жално е што е така. Тоа беше убаво чувство за Нова година и дополнување на убавината на живеењето. Сега гледам дека и многу малку тезги има за таа работа. Добиваме по некоја честитка, но многу малку праќаме“, велат граѓаните.
Но има и такви кои не ја забораваат традицијата.
„Пишуваме честитки со малечката. Тоа се некои традиции кои се напуштени, но убаво е кога ќе земеме и ќе напишеме некоја убава порака со убави желби. Сега пораките ги праќаме електронски, но мислам дека има некој лично кој го цени тоа и сака да испрати некоја убава честитка на некого“, велат граѓаните.
И, продавачите на честитки велат дека сега едвај продаваат по педесетина во текот на сите денови, за разлика од порано.
На тезгата на Џеват Јонуз во Охрид има голем избор на честитки, но голем дел од нив ќе останат непродадени.
„Купуваат децата од училиште како традиција. Останато е тоа од време, но, не е како порано како што се купуваше. 50-60 отсто е намалено. Порано од мерак ќе луѓето застануваа само да видат, ќе земат и ќе си заминат“, вели Џеват Јонуз продавач на новогодишни честитки.
Слично размислува и Муча Шаќир, продавач на новогодишни честитки во Струга.
„Не, како другите години, поради интернетот и телефоните. Порано беше подобро, сега воопшто нема. Имам продадено околу 50 честитки. Во однос на другите години е многу послабо“, вели Муча Шаќир продавач на новогодишни честитки.
Во 2020-та година, Македонски Пошти, ја покренаа кампањата, „Испрати честитка - Испрати подарок“, со цел да се врати традицијата на пишување честитки.
Честитката нека биде обид наместо само пред мобилните телефони, времето да го поминеме креативно и исполнето заедно со најблиските, но и да обновиме една убава традиција, велат од Македонски Пошти.