Линкови за пристапност

Израелскиот министер за одбрана во Вашингтон, САД и ЕУ стравуваат од проширување на војната


Ентони Блинкен (лево), Јоав Галант (десно)
Ентони Блинкен (лево), Јоав Галант (десно)

САД и Европа предупредуваат на можноста за проширување на војната во Газа, по израелска офанзива во Либан против милитантната група Хезболах, поддржана од Иран.

Војната во Газа и ризикот од поширок конфликт ќе бидат во фокусот на разговорите денес во Вашингтон, меѓу израелскиот министер за одбрана Јоав Галант и американскиот државен секретар Ентони Блинкен. Галант ќе се сретне и со секретарот за одбрана Лојд Остин.

Израелска армија - 23.06. 2024, Појас Газа
Израелска армија - 23.06. 2024, Појас Газа

Шефот за надворешна политика на Европската унија, Жозеп Борел, денес изјави пред новинарите во Луксембург дека ризикот од прелевање на војната е се поголем секој ден.

„Мислам дека, за жал, сме во пресрет на проширувањето на војната“, рече Борел.

Тој, исто така, рече дека е очајно потребен прекин на огнот во Газа за да се олесни протокот на хуманитарна помош, велејќи дека „испораката на хуманитарна помош во Газа стана невозможна“.

Коментарите на Борел дојдоа неколку часа откако највисокиот американски воен офицер предупреди дека израелската офанзива во Либан ќе го зголеми ризикот од поширок конфликт што би го поттикнала Иран да му помогне на Хезболах.

Израел со месеци се бори со Хамас поддржан од Иран во неговата офанзива во Појасот Газа, додека во исто време учествува во секојдневни престрелки со Хезболах долж границата меѓу Израел и Либан.

Бенјамин Нетанјаху - премиер на Израел
Бенјамин Нетанјаху - премиер на Израел

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неделата изјави дека „интензивната фаза“ на борбите против Хамас во Газа ќе заврши „многу брзо“. Но, тој додаде дека Израел најверојатно ќе ги префрли војниците на границата со Либан.

Во своето интервју за израелскиот „Канал 14“, Нетанјаху рече дека преместувањето на војниците на север ќе ја зајакне одбранбената положба на земјата против Хезболах и ќе им овозможи на Израелците кои избегаа од борбите во близина на границата меѓу Либан и Израел да се вратат дома.

Тој додаде дека иако се надева дека може да се најде дипломатско решение за конфликтот со Хезболах, Израел може „да се бори на неколку фронтови, а ние исто така сме подготвени за тоа“.

Некои информации од овој извештај се од Асошиетед прес, Франс прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG