Американскиот државен секретар Ентони Блинкен треба да пристигне на Блискиот Исток, што е негова четврта посета на регионот од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас на 7 октомври.
Фокусот на патувањето на Блинкен ќе биде управувањето со Газа по војната, соопшти во четвртокот Стејт департментот.
Блинкен, исто така, ќе ги потврди повиците за зголемена хуманитарна помош во Газа, соопшти Стејт департментот.
За време на еднонеделното патување, Блинкен ќе ги посети Израел и Западниот Брег, покрај Турција, Грција, Јордан, Катар, Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија и Египет.
Стотици илјади Палестинци се евакуирани во јужниот дел на Газа, каде повеќето се сведени на живот во беда без пристап до храна, чиста вода за пиење и тоалети.
Израелските бомбардирања продолжија во текот на ноќта во јужните области на Газа, Кан Јунис и Рафах, како и делови од централна Газа. Агенцијата Франс прес ја цитираше израелската војска дека биле погодени повеќе од 100 цели, вклучувајќи воени позиции, локации за лансирање ракети и складишта за оружје.
Претставници на израелските одбранбени сили се цитирани дека борбен авион нападнал позиции во централната област Буреиј во текот на ноќта, убивајќи „вооружена терористичка ќелија“ која се обидела да нападне израелски тенк. Армијата додаде дека голем број палестински милитанти биле убиени во судирите во Кан Јунис.
Министерот за одбрана на Израел во четвртокот ги објави своите планови за нова етапа во тековната војна во Газа, вклучително и повеќе насочена стратегија на северот на територијата. Нема официјално прифаќање од страна на израелската влада на планот на министерот за одбрана.
„Во северниот регион на појасот Газа, ќе преминеме на нов борбен пристап во согласност со воените достигнувања на теренот“, се вели во соопштението на кабинетот на израелскиот министер за одбрана Јоав Галант.
Тактиките треба да вклучуваат рации, уривање тунели, воздушни и копнени напади и операции на специјалните сили, рече Галант.
Израел ја започна својата воена кампања за уништување на Хамас откако борците на Хамас преминаа во јужен Израел на 7 октомври. Израел соопшти дека околу 1.200 луѓе биле убиени, а околу 240 заробени во терористичкиот напад.
Некои од заложниците се ослободени, а околу 130 се уште се во Газа. Здравствените власти во Газа соопштија дека повеќе од 22.600 Палестинци, голем процент од нив жени и деца, се потврдени убиени во израелската воена офанзива во Појасот Газа.
Најавата доаѓа во време на зголемен меѓународен притисок, вклучително и од Соединетите Држави, за транзиција кон помалку интензивна борба.
Во меѓувреме, Галант рече дека Израел ќе продолжи да се обидува да ги елиминира лидерите на Хамас на југот на Газа, каде што повеќето од 2,3 милиони жители на територијата живеат под брутални услови со недели.
„Тоа ќе продолжи онолку долго колку што се смета дека е потребно“, се вели во соопштението.
Според планот на Галант, војната во Газа ќе продолжи додека не бидат ослободени сите заложници земени на 7 октомври, додека Хамас не биде уништен и преостанатите воени закани не се неутрализираат.
Откако ќе се остварат тие цели, планот предвидува да започне нова фаза во која „Хамас нема да ја контролира Газа и нема да претставува безбедносна закана за граѓаните на Израел“. Според планот, неодредени палестински ентитети ќе управуваат со територијата.
Во нацртот, исто така, се вели дека „нема да има израелско цивилно присуство во Појасот Газа откако ќе се постигнат целите на војната“, но Израел сепак ќе го резервира правото да дејствува на територијата.
Вашингтон сугерираше дека ревитализираната палестинска управа, која е со седиште во окупираниот Западен Брег, ќе управува со Газа.
Претходно во четвртокот, во израелски воздушен напад во Газа загинаа 14 лица, според Министерството за здравство на Газа, управувано од Хамас, додека Израел изврши нови воздушни и копнени операции против палестинската милитантна група.
Министерството за здравство соопшти дека израелскиот напад се случил во Кан Јунис, во јужниот дел на Газа, а меѓу загинатите има девет деца.
Израел директно не го коментираше нападот, но објави дека извршил воздушен напад во Кан Јунис во кој загинаа тројца милитанти кои се обидоа да постават бомба. Израелската војска соопшти дека нејзините копнени сили убиле уште двајца милитанти во блиската зграда.
Израел, исто така, во четвртокот објави нови напади врз цели на Хезболах во јужен Либан и нови прекугранични лансирања на ракети кои доаѓаат од Либан кон Израел.
Нападите се случија еден ден откако лидерот на Хезболах, Хасан Насрала, во телевизиски говор, го предупреди Израел да не го нападне Либан.
„Ако непријателот мисли да води војна против Либан, ние ќе се бориме без воздржување, без правила, без граници и без ограничувања“, рече Насрала.
Неговите коментари уследија по нападот со беспилотно летало во кој загина висок функционер на Хамас во Бејрут.
Хамас и безбедносните претставници во регионот го препишаа нападот во кој загина Салех ал-Арури на израелско беспилотно летало, иако Израел директно не ја призна одговорноста.
Шефот на израелската разузнавачка служба Мосад, Дејвид Барнеа, во средата рече дека агенцијата ќе ги лови сите членови на Хамас вклучени во нападот врз Израел на 7 октомври, без разлика каде се наоѓаат.
Хезболах - како Хамас, милитантна група поддржана од Иран, означена како терористичка организација од страна на Соединетите држави - истрелува ракети преку северната граница на Израел откако изби војната меѓу Израел и Хамас во октомври.
Некои материјали за овој извештај дојдоа од Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс.