Израел направил 7,8 милијарди долари долг од почетокот на војната со милитантите на Хамас, соопшти денес Министерството за финансии.
Војната што започна на 7 октомври, кога вооружени лица на Хамас дивееја низ израелските градови, нагло ги зголеми израелските трошоци за финансирање на војската, како и за компензација на деловните субјекти во близина на границата и на семејствата на жртвите и заложниците земени од Хамас.
Во исто време, даночните приходи се забавени. Како резултат на тоа, Израел забележа буџетски дефицит од 22,9 милијарди шекели во октомври, што е скок од 4,6 милијарди во септември и го зголеми дефицитот во претходните 12 месеци на 2,6%.
Министерството рече дека ќе продолжи да работи „на сите канали со цел да ги финансира владините активности, вклучително и сите потреби што произлегуваат од ... војната и економската и цивилната помош за домашниот фронт“.
Премиерот Бенјамин Нетанјаху вети дека ќе им помогне на погодените од војната, за која економистите веруваат дека нагло ќе го зголеми соодносот на дефицитот и долгот кон БДП до 2024 година.
Но, гувернерот на банката на Израел, Амир Јарон, рече дека владата треба да балансира „поддршка на економијата и одржување на здрава фискална позиција“.
Агенциите за кредитен рејтинг веќе предупредија дека би можеле да го намалат рејтингот на Израел доколку се влоши метриката на долгот.
Генералниот сметководител го негираше извештајот на израелските медиуми дека државата ќе аплицира за заем од банката на Израел за првпат од 1986 година.