Линкови за пристапност

Израел објави дека 24 војници биле убиени во Газа за еден ден


Билансот дојде откако израелските сили извршија напади во јужниот дел на Газа и САД го повикаа Израел да ги заштити цивилите во болниците.
Билансот дојде откако израелските сили извршија напади во јужниот дел на Газа и САД го повикаа Израел да ги заштити цивилите во болниците.

Израел извести за смртта на 24 свои војници во Појасот Газа, што е еден од најлошите денови за израелската војска откако ја започна својата офанзива за елиминирање на милитантната група Хамас.

Портпаролот на израелската војска, контраадмирал Даниел Хагари, за новинарите изјави дека 21 од војниците се подготвувале да урнат две згради со експлозив во понеделникот кога милитант истрелал ракета на тенк во близина и експлозивот во зградите експлодирал, уривајќи ги конструкциите врз израелските војници. Тројца други израелски војници загинаа во одделен напад.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека војската отворила „истрага за трагедијата“.

„Вчера доживеавме еден од нашите најтешки денови откако избувна војната“, рече Нетанјаху.

„Во името на нашите херои, заради нашите животи, нема да престанеме да се бориме до апсолутна победа“, рече израелскиот премиер.

Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант рано во вторникот на X напиша дека тоа било „тешко и болно утро“.

„Оваа војна ќе ја одреди иднината на Израел во следните децении, а падот на војниците е услов за постигнување на целите на војната“, рече Галант.

Израелските сили извршија интензивни бомбардирања во јужниот дел на Газа, додека здравствените власти го обвинија Израел за напад на здравствени установи.

Палестинската Црвена полумесечина соопшти дека израелското гранатирање го погодило седиштето на групата во Кан Јунис, „што се совпадна со интензивните истрели од израелски беспилотни летала, што резултираше со повреди меѓу внатрешно раселените лица кои бараа безбедност во нашите простории“.

Ројтерс објави дека портпаролот на Министерството за здравство во Газа, Ашраф ал Кидра, за новинската агенција изјавил дека израелските сили упаднале во болница и го уапсиле медицинскиот персонал во Кан Јунис.

Израел веднаш не ја коментираше ситуацијата, но во минатото израелската војска го обвинуваше Хамас дека оперира во и околу болниците, што Хамас го негира.

Соединетите држави во понеделникот го повикаа Израел да ги заштити цивилите во болниците.

Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, рече дека иако Израел има право да се брани.

„Очекуваме да го сторат тоа во согласност со меѓународното право и да ги заштитат невините луѓе во болниците, медицинскиот персонал и пациентите, колку што е можно повеќе“, рече Кирби.

Израел вети дека ќе го уништи Хамас, кој управува со Газа, откако милитантната група испрати борци кои дивееја во Израел на 7 октомври, убивајќи околу 1.200 луѓе, главно цивили, според израелските податоци. Хамас, кој е прогласен за терористичка организација од САД, Обединетото Кралство, Европската унија и други, исто така зеде околу 240 луѓе како заложници.

Министерството за здравство во Газа, управувано од Хамас, соопшти дека најмалку 25.295 Палестинци се убиени во војната, од кои многу жени и деца. Министерството не го прецизира бројот на цивили и борци на Хамас меѓу загинатите.

Војната беше погубна за палестинските цивили, при што Обединетите нации соопштија дека 85% од населението е принудено да ги напушти своите домови, а четвртина од луѓето се соочуваат со глад.

Некои информации за овој извештај дадоа Асошиетед прес, агенцијата Франс прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG