Линкови за пристапност

Израел денеска извршил кратка копнена операција во Појасот Газа


Премиерот Бенјамин Нетанјаху рече дека Израел „се подготвува за копнена инвазија“ на Газа.

Израелската војска денеска соопшти дека извршила копнена операција во Појасот Газа, каде што речиси три недели израелските сили спроведуваат воздушни напади врз милитантите на Хамас.

Израелските одбранбени сили (ИД) соопштија дека нивните тенкови и пешадија „погодиле бројни терористички ќелии, инфраструктура и пунктови за лансирање противтенковски ракети“ пред да се вратат на израелска територија.

Тие соопштија дека операцијата била направена за да се подготви „за следните фази од борбата“.

Израелските власти ветија дека Хамас повеќе нема да може да врши напади кои му се закануваат на Израел по неговиот масакр на околу 1.400 луѓе, главно цивили, на 7 октомври.

Бени Ганц, пензиониран генерал и член на воениот кабинет на Нетанјаху, рече дека секоја копнена офанзива ќе биде само „една фаза во долгорочниот процес кој вклучува безбедносни, политички и социјални аспекти што ќе траат со години“.

„Кампањата наскоро ќе се засили со поголема сила“, рече тој.

Министерот за одбрана Јоав Галант рече дека Израел нема интерес да го прошири воениот фронт надвор од Газа, иако е подготвен да се бори против борците на Хезболах поддржани од Иран со седиште во Либан.

„Водиме војна на јужниот фронт против Хамас, подготвени за каков било развој на северот. Хезболах трпи многу загуби“, им рече Галант на новинарите.

Еден американски пратеник, сенаторот Бен Кардин од Мериленд, кој беше дел од конгресната делегација која неодамна го посети Израел, рече дека на израелските лидери е да одлучат кога да започнат каква било копнена инвазија во Газа.

Некои информации за овој извештај се од Асошиетед прес, агенција Франс прес и Ројтерс

XS
SM
MD
LG