За неполн час изгоре голем дел од внатрешноста на Универзална Сала во пожар што избувна утринава. Во огнот, нема загинати, а две лица, од околните згради биле пренесени на Клиниката за токсикологија поради вдишување густ чад од запалениот објект.
За пожарот, како што соопштија од МВР, на распит се повикани три лица кои, како што се вели, биле градежни работници, присутни во објектот во моментот кога се случил пожарот.
„Во врска со пожарот, во полициска станица од општа надлежност ‘Центар’ се приведени тројца градежни работници кои изведувале работни задачи во моментот на пожарот и тоа Б.Р. (50), З.Т. (60) и Б.И. (53)“, известија од МВР.
Универзална сала беше под Град Скопје, но откако градот се откажа од нејзина реконструкција, таа премина во владение на Министерството за култура.
Нема загинати, нема повредени. Направена е материјална штета, која наскоро ќе се утврди и потоа ќе се продолжи со градбаБисера Костадиновска-Стојчевска, Министерка за култура
„Нема загинати, нема повредени. Направена е материјална штета, која наскоро ќе се утврди и потоа ќе се продолжи со градба“, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која додаде дека објектот бил обезбеден со осигурување за ваков тип настани.
Во февруари годинава министерството најави дека салата ќе се реконструира во нејзиниот оригинален изглед. За изведувач беше избрана фирмата „Универзал Балкан“ од Скопје.
Според изведувачот, пак, фирмата „Универзал Балкан“ која ја изведува реконструкцијата, во салата не се изведувале градежни активности денеска, но биле присутни двајца чувари, инженер и работник. Од фирмата велат дека немаат сознанија дали пожарот настанал поради човечки фактор.
„Не можам да кажам, инженерите не виделе ништо. Можно е. Ние салата ја чуваме три години. Имало ситни проблеми, во смисла на искра од кабел и слично“, рече Лазар Арсоски, еден од сопствениците на „Универзал Балкан“.
Набргу после пожарот, преку социјалните мрежи, се огласи претседателот Стево Пендаровски кој побара санкционирање на одговорните за пожарот.
„Надлежните институции да спроведат детална истрага и да се санкционираат сите кои се одговорни за уништувањето на Универзалната сала“, напиша Пендаровски.
Преку социјалните мрежи се огласи и градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, која вели дека „две години проектот за Универзална сала кој му е дониран на претходното градско раководство и по кој работеле до локалните избори во 2021 година е погрешен и небезбеден“.
„Министерството за внатрешни работи итно да ги истражи причините и доколку за истото се детектира дека е во прашање човечки фактор и мотивирано е од погрешната и небезбедна градба за што има соодветна документација, за која укажувавме две години и поради која одбивме да продолжиме со изведувачот избран од претходното раководство, институциите да си покренат соодветни постапки за одговорност“, стои во објавата на Арсовска.
Универзална сала речиси десет години не е во функција. Град Скопје се откажа од реконструкцијата започната во 2021 година. Од Градот рекоа дека немаат пари за тој зафат. Со Владина одлука Универзална премина кај Министерството за култура, со цел откако ќе биде завршена реконструкцијата да му биде вратена на Град Скопје.
На 21 февруари беше најавена реконструкцијата, а како проектант беше назначен Бујар Муча. Според тогашните најави од министерството, реконструкцијата требаше да заврши во 2026 година.
Универзална сала е официјално пуштена во употреба 10 јануари 1966 година, како Центар за организирање на приредби. Изградена е со донации од повеќе од 35 земји од светот, како знак на меѓународна солидарност кон Скопје после земјотресот во 1963 година.
Манифестациите како „Златно славејче“, „Џез фестивал“, „Скопски фестивал“ и уште стотици концерти од домашни и странски изведувачи биле одржани во Универзална сала.