Линкови за пристапност

Ескалација на превирањата во ИВЗ - со политичка опачина


И низ дисонантните тонови меѓу коалиционите партнери, владини претставници порачуваат дека настаните во ИВЗ се следат „со голема доза на внимателност“, но оспорениот поглавар Сулејман Реџепи потенцира дека ИВЗ отсега е во отворен судир со Владата

„Многу внимателни сме како Влада, не само во оваа ситуација, туку и генерално како луѓе коишто почитуваат различност и права на граѓаните, многу сме внимателни, никогаш и по никоја цена да не се мешаме во односите внатре во верските заедници. Тоа не сме го направиле за ниту една друга, тоа не сме го направиле сега, и за ИВЗ. Она што се случува внатре е прашање коешто верниците треба да го средат“, изјави денеска за медиумите министерката за одбрана Радмила Шекеринска, по повод тензиите во Исламската верска заедница во Македонија.

До нејзината изјава дојде откако вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, во името на неговата партија ДУИ, која е коалиционен партнер во Владата, потенцираше дека е „скандалозен и срамен чинот на упад врз автономијата на уставно загарантираната автономија на Исламската верска заедница“, како и дека „државата треба да ги преземе сите мерки да ја гарантира независноста и автономијата на верските заедници, вклучувајќи ја и ИВЗ“.

Многу внимателни сме како Влада, не само во оваа ситуација, туку и генерално како луѓе коишто почитуваат различност и права на граѓаните, многу сме внимателни, никогаш и по никоја цена да не се мешаме во односите внатре во верските заедници. Тоа не сме го направиле за ниту една друга, тоа не сме го направиле сега, и за ИВЗ. Она што се случува внатре е прашање коешто верниците треба да го средат.
Радмила Шекеринска, министерка за одбрана на РСМ

Иако и портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, резимираше дека „Северна Македонија е секуларна држава и Владата не се меша во работата на верските заедници“, во јавноста одекна изјавата на поглаварот на ИВЗ, Сулејман Реџепи: „Од вечерва не сме повеќе на иста страна со оваа Влада. Ова лошо нема никогаш да им го заборавиме!“

Тензиите во ИВЗ ескалираа во вторникот кога врз основа на решение на Основниот суд Скопје 2, објавено и во „Службен весник“, со донесената одлука од 17 април, Скендер Бузаку и се претстави на пошироката јавност, како нов реис-ул-улема, на местото на поглаварот Сулејман Реџепи. Влезот на приврзаниците на Бузаку во објектот на ИВЗ беше причина и за интервенција на припадниците на МВР, кои мораа да го обезбедуваат редот.

„Од утре даваме заклетва и ќе се организираме како верници, јас сум новиот поглавар на ИВЗ и тоа врз основа на сите внатрешни акти и врз основа на судско решение“, изјави тогаш Бузаку, според кого, Основниот суд Скопје 2 го прифатил барањето тој да биде заведен како нов поглавар, врз основа на записник од вонредна седница на Ријасетот на ИВЗ од 30 март годинава, на која била констатирана неотповикливата оставка на Реџепи, наводно поднесена пет дена порано. Според Бузаку кој истакна и дека побарал финансиската полиција да ги истражи активностите на досегашните раководни тела на ИВЗ, по објавата во „Службен весник“, треба да се запише промената на функцијата реис-ул-улема и во Единствениот регистар на цркви, верски заедници и религиозни групи.

Но, по вонредната седница на Ријасетот на ИВЗ, актуелниот поглавар Реџепи, покрај ставот дека се работи за политички притисок од власта, врз основа на фалсификувани записници од опонентите, изнесе и редица обвинувања против Владата и Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи за мешање во внатрешните работи на ИВЗ.

Како реакција, портпаролот Бошњаковски, потенцираше дека Владата осудува говор на омраза, како и секогаш досега, а Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи демантираше каква било нивна вмешаност во последните случувања во ИВЗ.

Реџепи ја навреди и судијката која донесе решение за овластувањето на Бузаку. „Слушнав дека имала проблеми со здравјето, сега моментално. Но, не ја жалам, таквите нека починат!“, беше соблазнителната изјава на поглаварот, на која реагираше и Управниот одбор на Здружението на судиите, кое најостро ги осуди нападите кои доаѓаат од било која страна, врз судиите и „особено говорот на омраза на поглаварот на ИВЗ, искажан на прес конференцијата одржана на 23 април, кон судијата Сузана Дончевска“.

Реагираше и Обвинителството кое соопшти дека се следат изјавите на Реџепи, кој ќе биде повикан и на разговор. За Реџепи веќе е отворен предмет по неодамнешната навреда и говорот на омраза во изјавата дека етничките Македонци се „див народ“, „без корен и идентитет“

На вонредната седница на Ријасетот, Реџепи го навредил и својот опонент Бузаку.

„Одлуката на судот е авантура за судството. Нема да дозволам една марионета диригирана од државата, да дојде на чело на ИВЗ. Бузаку е отпадник од ИВЗ, па дури и од исламот. Се колнам во Алах, ако е тој муслиман, тогаш и кучињата се муслимани“, изјавил според медиумите, Реџепи пред муфтиите.

Одговорот пак, на Бузаку во медиумите беше со смирувачки тон и со акцент дека тој и неговите приврзаници не сакаат физичка конфронтација: „Ние не го употребуваме неговиот див речник бидејќи ние сме едуцирани на друг начин. Би ми бил срам за годините што ги имам да употребам таков речник. Сите внатрешни акти се почитувани... Ние ќе бараме од Судот привремена мерка за да ми се овозможи да одам до канцелариите, иако канцелариите никого не прават реис. Канцеларии има колку сакаш“, изјави Бузаку за медиумите, потенцирајќи и дека ништо не се решава со тензии, дека тој нема да навредува, „туку ќе шири љубов и ќе ги сплотува луѓето, за да ја извршува мисијата на ИВЗ“.

Но, дел од реакциите во медиумите и на социјалните мрежи сепак, го проблематизираат тајмингот на смената на врвот во ИВЗ, поставувајќи прашање: дали владеачкиот СДСМ го возвраќа ударот поради отворената предизборна закана на Реџепи? Пред почетокот на кампањата за претседателските избори, реисот Реџепи во име на ИВЗ упати писмо со ултиматум за Владата, од која бараше во рок од 10 дена да бидат решени постапките за денационализација на вакуфскиот имот, со закана дека во спротивно, ќе им биде испратена порака на исламските верници во околу 700 џамии, дека Владата врши „бавна, селективна и дискриминирачка денационализација на имотот на ИВЗ“.

Владата не одговори на заканата, но факт е дека нејзиниот кандидат Стево Пендаровски доби помалку гласови на етничките Албанци кои се главно исламски верници, отколку што очекуваа во неговиот штаб. Затоа, во дел од реакциите се поставува прашањето – дали судската одлука е и обид за воспоставување на контрола врз ИВЗ токму во овој момент, во насока - влијание врз исламските верници за вториот круг на претседателските избори на 5 мај?

Зашто, иако став на поранешниот пратеник и амбасадор Мухамед Халили е дека „ИВЗ со децении служи како боксерска вреќа за тренинг на политичарите“, заканувачкото писмо на Реџепи, токму пред првиот круг, беше своевиден скок - од перманентното кокетирање со партиите кои и досега го користеа во политичката борба, во отворен јуриш за освојување на посилни политички позиции. Од друга страна, и онака контроверзниот поглавар Реџепи можеби ќе биде пресметана колатерална штета во евентуално сценарио кое предвидува реакција на исламските верници поради мешањето од страна, со бојкот на вториот круг на претседателските избори, што пак, може да го оневозможи цензусот или драстично да влијае врз изборниот резултат.

По пропаста на Османлиската империја, верскиот живот на муслиманите во Македонија бил под јурисдикција на реис-ул-улема со седиште во Сараево во Босна. Потоа, Исламската заедница во Македонија била составен дел на Исламската заедница на Кралството Југославија и на СФР Југославија. По осамостојувањето на Македонија, таа продолжува да дејствува како независна Исламска верска заедница во Македонија, со седиште во Скопје.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG